Македонија
1. јуни 2019 - 13:58

Груевски најави оставка на пратеничката функција, не се знае кога ќе ја поднесе

Никола Груевски, пратеник и поранешен премиер, кој доби политички азил во Унгарија денеска преку својот профил на социјалната мрежа Фејсбук најави оставка на пратеничката функција, откако минатата недела Парламентот почна постапка за одземање на неговиот мандат по шестмесечно отсуство.

Груевски наведува дека за оставката формално правно Парламентот ќе го извести во наредните денови и им се заблагодарува на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои, како што вели, издржале на принципиелните позиции што се во согласност со Уставот и меѓународното право и не потклекнале на притисоците.

Поранешниот премиер ја обвинува владејачката СДСМ за прогон и оти прави лажна пропаганда за него и за неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Според Груевски, целта на власта легално да му го одземе мандатот е неостварлива.

Врз основа на член 57 од Деловникот за работа на Парламентот и членот 65 од Уставот пратеникот оставката ја поднесува лично на седница на Собранието и може да ја образложи. Во третиот став од членот 57 од Деловникот се наведува дека Собранието без претрес констатира дека на пратеникот му престанал мандатот на денот на одржувањето на седницата.

Во статусот на Фејсбук, Груевски не објавува како ќе ја достави оставката до претседателот на Парламентот Талат Џафери имајќи предвид дека тој е во Будимпешта.

Претседателот на Собранието Џафери најави дека од 10 јуни треба да се одржи нова седница на која по одлуката на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања треба да се гласа со двотретинско мнозинство за одземање на мандатот на Груевски. За оваа одлука на Комисијата гласаа петмина пратеници од владејачките партии додека нивните колеги од матичната партија на Груевски ВМРО-ДПМНЕ не се изјаснија воопшто. Беа на ставот дека не може да му се одземе мандат на пратеник кој во земја членка на ЕУ добил политички азил поради прогон.