Македонија
31. October 2016 - 15:20

Груевски: Набавка на нова медицинска опрема вредна 33 милиони евра

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска најави нова мерка со која се предвидува набавка на нова медицинска опрема во вкупна вредност од околу 33 милиони евра.

Со мерката се планира набавка на околу 3.700 апарати наменети за повеќе од 100 јавни здравствени установи во секој град во државата.

- Во секој град во државата ќе набавиме нова медицинска опрема за секоја јавна здравствена установа, болница (клиничка, општа или специјална), здравствен дом, како и за болниците и клиниките во Скопје. Станува збор за прецизен план за набавка на околу 3.700 апарати наменети за повеќе од 100 јавни здравствени установи низ државата, кои ќе бидат доопремени со најсовремена медицинска опрема. Кај дел од установите ќе се замени постојната постара и дотраена опрема со нова, а кај поголем дел од нив ќе обезбедиме опрема каква што претходно воопшто немало во установите со цел што е можно поголем број здравствени услуги да ги доближиме до местото на живеење на граѓаните, истакна Груевски.

Се планира комплетно да се обнови стерилизацијата во сите јавни здравствени установи со набавка на нови апарати за механичко миење на хируршки инструменти, како и нови апарати за стерилизација и автоклави. За оваа цел ќе бидат инвестирани околу 5,8 милиони евра. 

Како посебен дел од набавката се и новите мамографи за што се очекува да бидат инвестирани над 600 илјади евра. Ќе бидат обезбедени и нови дигитално рентген апарати кои ќе бидат лоцирани во поголем број клинички и општи болници во разни градови за што ќе бидат инвестирани околу еден милион и 300 илјади евра.