Македонија
9. March 2016 - 20:14

Груевски на средби во кичевско

Целосно ќе се рехабилитира водоводната мрежа во кичевското село Вранештица. При денешните средби, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски најави решавање на еден од најголемите проблеми со кој се соочуваат жителите во текот на летото. Груевски вети дека ќе се обезбеди и лекарска грижа за повозрасното население преку проектот „Рурален Лекар“. Во Вранештица каде живеат околу 400 жители чија главна дејност е грнчарството ќе се разгледа можноста за државна поддршка на овој занает во изумирање.

Лекарска грижа ќе добијат и жителите на кичевско Другово. Министерот Мисајловски вети дека целосно ќе помогне и во решавање на проблемот со фекаланата канализација и изработката на  проектот. За таа цел обезбедени се 740 илјади евра, за кои општината само треба да аплицира. Груевски најави ќе се разгледа можноста за реконструкција на спортската сала во Основното училиште во Другово.

Според Груевски, од особена важност за жителите на Кичево и околните села  е и отварањето на американската Ки сејфти систем која најави 1000 нови работни места до крајот на следната година со што значително ќе ја зголеми вработеноста во овој регион. Тој потенцираше дека директната комуникација со граѓаните е одлична можност да ги согледа реалните проблеми на терен, чие решавање ќе биде дел од програмата за претстојните парламентарни избори.