Македонија
27. September 2015 - 16:10

Груевски му врачи орден на Џорџ Буш, САД остануваат стратешки партнери на Македонија

Премиерот Груевски му го врачи орденот на Република Македонија на поранешниот американски претседател Џорџ Буш. Премиерот потенцираше дека за своето залагање и градењето пријателски односи со земјава, Буш го заслужува највисокото одликување на Република Македонија

-Претседателе Буш, дозволете ми во име на Владата на Република Македонија, во мое лично и во име на сите македонски граѓани да Ве поздравам и да Ви се заблагодарам за придонесот кој го имавте за стабилноста на нашата земја. Поддршката која ја дадовте за Македонија ја препознаваат и ценат денешните генерации Македонци и таа силно ги зајакна темелите врз кои се градат односите помеѓу нашите држави, истакна Груевски.

Груевски рече дека САД претставуваат најважен стратешки партнер на Македонија во реализацијата на приоритетите во надворешната политика, а односите меѓу двете земји се карактеризираат со континуиран дијалог, доверба и пријателство.

-Во периодот кога бевте претседател, Република Македонија и САД потпишаа Декларација за стратегиско партнерство. Би сакал да знаете дека признавањето на Македонија под уставното име од страна на САД и личната поддршка која ја дадовте во текот на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година ќе останат врежани во македонската колективна меморија, потенцираше премиерот.

Груевски истакна дека за цврстата определба на Македонија кон евроатланските структури говорат 6те последователни препораки за старт на преговорите со европската унија и исполнувањето на сите услови за членство во НАТО, за што Македонија има силна поддршка од своите американски партнери.