Груевски: Максимална владината поддршка за санирање на штетите од поплавите
Десет дена по поплавите во Тетовско, санирањето на штетите се одвива според ветеното. Активностите течат интензивно и во нив е вклучен целиот државен тим, рече денеска премиерот Никола Груевски по посетата на Шипковица.
Груевски, кој беше во придружба на вицепремиерот Владимир Пешевски и министрите за одбрана и за транспорт и врски, Зоран Јолевски и Владо Мисајловски, разговараше со жителите на селото, а го посети и локалниот Кризен штаб.
- Ќе работиме максимално, се до целосно отстранување на штетите. Можете да сметате на нашата безрезервна поддршка. Тоа што го ветивме изминативе денови и го исполнуваме. Уште веднаш, првиот ден по поплавите струјата беше пуштена, а се донесоа и доволни количини вода, напомена премиерот, откако ги праша жителите дали и колку се задоволни од работата на институциите.
Груевски воедно информира и за вчерашната владина одлука која предвидува првична помош од 30.000 денари за семејствата чии објекти беа оштетени, плаќање кирија и 160.000 литри нафта за потребната механизацијата за санација на штетите.
Помош, како што додаде премиерот, е обезбедена и за земјоделците кои до 26 август треба да ги пријават штетите.
Според вицепремиерот Пешевски, во Шипковица дополнително ќе бидат донесени неопходни градежни материјали, а ќе се исчисти и школото, ќе се дезинфицира и ќе биде во целост подготвено за претстојната учебна година.
Министерот Јолевски информира дека војската е постојано на терен и има свои екипи од по 10 лица кои се менуваат двапати на ден. Освен во Шипковица, се делува и во Порој и во Речица.
Владиниот тим предводен од премиерот Груевски им соопшти на жителите во Шипковица и дека ќе се подготви посебен проект за утврдување на причините кои предизвикаа огромни штети и врз основа на тоа ќе се пристапи кон целосно решавање на проблемот.
- Професорот Соња Лепиткова со група експерти и со селаните беше директно на местото за кое засега се смета дека е причина за настанатите штети. Првично е проценето дека треба да се минира карпата која се смета за потенцијална опасност, но тоа ќе биде конкретно изанализирано и преточено во проект, по што ќе се делува, рече Груевски.
Изразувајќи благодарност за поддршката до сите надлежни институции вклучени во санирањето на штетите од поплавите, жителите на Шипковица рекоа дека патиштата се генерално расчистени, а вода и струја беа обезбедени уште првиот ден по катастрофата. Сепак, предупредија дека, како што рече премиерот, мора да се утврди точната причина за поплавите.
- Ако не се направи проценка од каде точно произлезе проблемот, ситуацијата може да биде многу лоша со оглед дека доаѓа зима и допрва ќе следуваат врнежи, истакна претседателот на Месната заедница на Шипковица, Зекирија Ќазими.
Жителите од селото, додаде, изготвиле и барање за решавање на овој проблем за кој, како што посочи Ќазими, мора итно да се преземат мерки.
На средбата во локалниот Кризен штаб, момчето Лаурат Исмаили директно му изрази лична благодарност на премиерот Груевски за тоа што институциите и нивното навремено дејствување му го спасија животот од поплавите.
Владиниот тим предводен од Груевски по Шипковица замина за Мала Речица, по што е предвидено да пушти во употреба три локални патни правци, како и да го посети капацитетот на Везе Шари.
Ново на Сител
-
Започна седницата на Уставен, отсутни судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари
-
Уапсена 29 годишна гостиварчанка, пронајдена дрога, пушка и муниција | ФОТО
-
Четири килограми марихуана и амфетамин пронајдени кај 27 годишник во Драчево | ВИДЕО
-
Подигнати 75 кубни метри отпад од диви депонии во скопските општини Чаир и Кисела Вода
-
Влада: Инвестициски бум, 6 нови странски инвестиции за 6 месеци и 2000 нови работни места
-
Борусија Дортмунд неколку месеци без Шуле
-
Наполи еден месец без Кварацхелија
-
Зеленски му рекол на Трамп во Париз дека бара безбедносни гаранции за да се стави крај на војната