Македонија
24. January 2016 - 17:07

Груевски: Македонија е силна поради нејзиниот народ

Поминавме година во која некој користејќи го СДСМ сакаше на најможно валкан начин да го сруши ВМРО-ДПМНЕ, да ја дестабилизра Македонија и да ја промени по терк како што налагаат неговите интереси.Се беше совршено подготвено, но не постои совршен злочин. Во овој случај недостасуваше една сериозна финеса која како и многупати низ историјата се покажа клучна за нашиот опстанок, која ја заборавиле или во најмала рака ја потцениле, а тоа е народот, тоа е народот на Македонија.

Ова попладнево го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на 16. Годишна конференција на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ која се одржа во СЦ „Јане Сандански“. Рече дека иако бил збунет и изненаден на почетокот, народот  побрзо од сите очекувања ја сфатил добро и долго подготвуваната валкана игра и ја отфрлил.

- Денес, на 24 јануари 2016, точно три месеци пред предвремените избори ВМРО-ДПМНЕ и Македонија се посилни и пообединети отколку кога и да било досега. Македонија е сила заради нејзиниот народ, заради неговиот капацитет и неверојатна моќ да ги препознае валканите игри и лошите намери. Политичката криза која ја одбележа изминатата една година ќе заврши со предвремните избори во април. Сега народот е погневен од било кога досега но, за жал на СДСМ, гневот не кон ВМРО-ДПМНЕ, туку кон оние кои му го силуваа  Уставот и законите, кои му днесоа политичка криза и неизвесност и прават се таа  да продолжи да се продлабочува, рече Груевски во обраќањето. 

На 24 април, додаде тој, доаѓа казната и одмаздата на народот, доаѓаат неговите пет минути. - Тоа е ден кога овој народ, народот на Македонија на сите ќе им покаже кој е тој во оваа држава, односно чија е оваа држава. Во арпил народот на Македонија ќе си ја врати делумно одземената власт и преку масовно гласање на изборите ќе ги избрка на клоци вештачки и насила насадените функционери, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. 

Според Груевски, од некогаш победничка и самоуверена партија, денес СДСМ е партија на преплашено раководство, а ВМРО рече тој, е константа која во 123 години постоење преживеала разни кризи, ултиматуми, уцени, местенки. 

- ВМРО е тука затоа што тоа е желба и избор на нашиот народ и сечиј обид да се погази народната волја, да се скрши ВМРО ќе заврши со неуспех. ВМРО ќе биде таму каде е, се додека работи чесно, напорно и држи до дадениот збор пред народот на оваа држава, рече  Груевски и додаде дека и кога би била во опозиција неговата партија ќе се бори за Македонија и граѓаните со мудрост, идеали, конкурентни идеи, разум, проекти, со реформи, политики  и активности за добробит на народот, а не со валкани игри и манипулации.