Македонија
23. October 2017 - 22:08

Груевски: Ќе носиме инвестиции за да има нови работни места

На овие избори видовме дека другата страна нема сериозни проекти и програми и затоа ни говореа за воздух, ветер и магла. Видоа дека не можат да се мерат со работа со нас и удрија на криминални избори, ова вечерва го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во општина Карбинци. 

Груевски посочи на низа неправилности, што според ВМРО-ДПМНЕ, се случија во првиот круг од локалните избори како инцидентот во Шуто Оризари, пукањето врз кандидат за советник, искршени штабови на ВМРО-ДПМНЕ, потплаќање гласови. 

- Крајната цел е да се разбие секој Македонец кој размислува за својата држава, кој го сака својот јазик и идентитет, рече Груевски. Додаде дека економијата тоне, индустриското производство паѓа, а странски инвестиции нема.

Оваа власт, според него, е марионетска и предваничка и ја донеле други сили кои и овозможиле да ги фалсификува локалните избори. - Нема држава во која една марионетска власт опстанала предолго на власт, рече Груевски. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека во Карбинци во 2006 година имало 280 вработени, а на крајот на 2016 - 550 лица или двојно повеќе. Најави бесплатен оброк за учениците од прво до петто одделение, стекнување сопствен дом на семејствата во Карбинци со симболична почетна цена од едно евро по метар квадратен и ослободување на комуналиите.

-Ќе направиме и ново училиште, ќе ја реконструираме пречистителната станица, ќе реконструираме многу улици во Карбинци, а најмногу од се ќе носиме нови инвестиции за да има нови работни места, потенцира Груевски. 

Кандидатот за градоначалник на Карбинци од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Минов вети дека на барање на потенцијални инвеститори општината ќе изврши урбанизација на нови локации за индустриски зони, пред се за лесна и незагадувачка индустрија.