Македонија
24. November 2016 - 21:01

Груевски: Ќе изградиме целосно нова гимназија во општина Аеродром

Во Аеродром се планира градба на затворен пливачки базен со ватерполо димензии. Ќе изградиме целосно нова гимназија во општина Аеродром, ветуваме и изградба на нов училишен објект за Основното Училиште Димитар Македонски, подготовките се во самиот финиш, и тоа училиште многу брзо ќе почне да се гради во населбата Горно лисиче во кое ќе вложиме 1,2 милиони евра. Продолжуваме и со реконструкција, реконструкциите на училиштата, ќе ги реновираме основните училишта Блаже Конески, Љубен Лапе, Лазо Ангеловски во Ново Лисиче, и Гоце Делчев во Горно Лисиче. За овие реконструкции ќе вложиме преку 50 милиони денари. Во новата програма планираме градба на спортска сала во основното училиште Гоце Делчев во Долно Лисиче, инвестиција вредна 23 милиони денари, истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски.

Тој посочи дека во општина Аеродром се предвидува изградба на 4 нови детски градинки во наредниот мандат.

– Жителите на Аеродром имаат голема потреба од детски градинки и ќе добијат 4 нови детски градинки. Во Аеродром предвидуваме изградба на нов парк чиј инвеститор ќе биде АД Елем. Овој капитален проект ќе се реализира по примерот на светските реномирани енергетски компании кои покрај производството на енергија вложуваат и во заштита на животната средина и создавање на нови зелени површини. Тој ќе биде втор голем парк во Скопје после градскиот парк, кој е околу 50 хектари, овој ќе биде 25 хектари и ќе биде втор голем парк за Скопје. Предвидуваме отворање на дневен центар за деца со пречки во развојот, предвидуваме изградба да овозможиме приватен дом за повозрасни лица, ќе отпочнеме градба на 35 станови кај реонски центар во вредност од 1,6 милиони евра во рамки на проектот за станбено необезбедени лица, млади брачни двојки, лица со посебни потреби, самохрани родители и други лица, рече Груевски.

Најави дека ќе се изградат и 48 станови во вредност од 148 милиони денари наменети за комерцијална продажба.

-Ќе се асфалтира улицата „Тодор Чангов“, на потегот од булеварот „Февруарски Поход“ до улицата „Ѓорѓи Капчев“ во должина од 1 километар. Ветуваме и довршување на реконструкцијата на водоводната мрежа на улицата „Еден“ во Долно Лисиче. Ветуваме градба на едно повеќе повеќенаменско и пет баскет игралишта во општина Аеродром. Со проектот рурални развојни зони во кој се даваат посебни привилегии на тие што ќе инвестираат во тие места, ослободување од даноци, финансиски грантови и слично. Го опфаќаме и населеното место Долно Лисиче во општина Аеродром. Со овој проект за лица кои сакаат да отворат бизнис во овие подрачја предвидуваме даночни и други ослободувања како и директна финансиска помош за оние кои ќе градат погони, фабрики, хотели, или било кои други капацитети кои што ќе вработуваат луѓе. Имаме и други проекти за Скопје и за Аеродром, но верувам дека ќе ги погледнете во нашата програма, заклучи лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски.