Македонија
13. August 2016 - 18:12

Груевски: Како лидер на најголемата партија имам одговорност да му помогнам на народот, затоа сум на терен

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска изјави дека чувствувал одговорност, како лидер на најголемата партија во земјата и како човек со искуство, да излезе на терен по катастрофалното невреме и поплавите што го зафатија скопскиот регион.  

- Јас сум претседател на најголемата политичка партија во Република Македонија, којашто на последните избори доби 480.000 гласови, во кампања и во избори кои лично ги предводев како претседател на таа партија. Имам одговорност покрај тоа што имам искуство во вакви ситуации, да помогнам, да излезам на терен со сето мое знаење, капацитет и искуство што сум го стекнал досега, да не седам пасивен и да бидам тука со идеи и со предлози и со се што можам и на начин на којшто можам да помогнам, рече Груевски во интервју за ТВ Сител.

Доколку не координирав и не излегов на терен, како што кажа Груевски, критиката ќе беше зошто не сум излегол и не сум помогнал, ако излезам и помогнам, зошто сум излегол и помогнал. - Тоа е секогаш така со нашата опозиција и со медиумите блиски до нив, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Посочи дека се вклучил директно да помогне, како и илјадници други луѓе на кои им се заблагодари за тоа што го прават, како и на компаниите кои помогнаа со механизација и разни машини.

- Јас и моите соработници од ВМРО-ДПМНЕ се трудевме максимално да ги поттикнеме, да ги мотивираме луѓето да излезат. Моето директно вклучување во расчистување на куќи, дворови и подруми беше и еден вид повик и другите да го прават тоа, изјави Груевски.