Македонија
22. October 2017 - 16:19

Груевски ја обвини власта за масовно прислушување и изборен фалсификат

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за ТВ Алфа изјави дека првиот круг од локалните избори се најнедемократските во досегашната историја на Македонија што како што кажа во овој момент му одговара на меѓународниот фактор.

Тој и во оваа прилика не го призна изборниот пораз во кој неговата партија за 10 месеци загуби 120.000 гласа. Повтори дека не бега од одговорноста за изборниот резултат и кажа дека конечната одлука за одговорноста ќе ја донесат по длабинската анализа по завршување на вториот круг од изборите.

Според него, граѓаните му ја испратиле пораката, особено традиционалните гласачи на неговата партија, заради, како што вели, нејасните политики во изминатите неколку месеци, но тој нагласи дека на овие избори имало многу закани, уцени и поткуп, неприложувајќи никакви докази за тоа.

- Уцени и поткупи имало во сите изминати избори, но никогаш како на овие, рече Груевски.

Тој најави дека партијата ќе се жали пред Управниот суд за сите одбиени приговори до ДИК.

Груевски во интервјуто соопшти дека има информации дека и тој и целото раководство на партијата се прислушкувани и дека тоа го прават структури од МВР.