Македонија
7. јуни 2019 - 16:07

Груевски ја испрати оставката

Екс премиерот Никола Груевски ја доставил до собранието најавената оставка. Напишана на унгарски јазик и заверена на нотар пристигнала на адреса на законодавниот дом, открива собранискиот спикер Талат Џафери. Тој за МИА вели дека документите се преведуваат и во понеделник ќе се одлучува дали ќе се прифати писмената оставка на Груевски.

„Оставката ќе биде разгледана во понеделник на координација со претседателот на собранието и координаторите на пратеничките групи и ќе се одлучи дали ќе биде ставена на дневен ред на првата наредна седница“, вели за Џафери.

Седницата на која би се разгледувала оставката на екс премиерот, според собранискиот спикер ќе се одржи во вторник на веќе закажаната седница за одземање на неговиот пратенички мандат. Џафери појаснува дека е неопходна координација со власта и опозицијата бидејќи станувало збор за специфичен случај кој не е опфатен со Деловникот и Уставот.

Политичките аналитичари очекуваат да има согласност за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски бидејќи и самиот тој потврдил дека сака да поднесе оставка.

На крајот од минатиот месец собранието ја покрена постапката за одземање на мандатот на Груевски. Мандатно-имунитетната комисија со пет гласа ЗА донесе одлука со која му предлага на собранието одземање на мандатот заради шестмесечно неоправдано отсуство. За тоа да се спроведе, на пленарната седница е неопхдоно двотретинско мнозинство.