Македонија
20. October 2016 - 16:17

Груевски: Изградбата на нов клинички центар ќе донесе бенефит за сите

Изградбата на нов клинички центар во Скопје е одлична вест за македонското здравство. Ова на својот фб профил го објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по објавувањето на тендерот за негова изградба од страна на Банката при Советот на Европа.

Ова е еден од капиталните проекти во македонскиот здравствен систем со кој ќе се постави нов стандард за квалитетот на здравствените услуги. Инвестицијата само за изградба чини околу 70 милиони евра, а целокупната инвестиција за модернизирање на кампусот Мајка Тереза е во вкупна вредност од 128 милиони евра, пишува Груевски

По завршување на законските процедури, за изградбата на новиот клинички центар ќе бидат потребни неколку години. Клиника за гинекологија и акушерство ќе остане во новата зграда која беше пуштена во употреба пред 4 години.  Како што пишува Груевски на својот фб профил, ГАК ги задоволува современите стандарди за тој вид на дејност и со новиот клинички центар ќе биде поврзана преку топли ходници што подразбира постојана комуникација и транспортирање на пациенти ако има потреба. Во стариот објект ќе остане и Онкологија  за која е предвидено парцијално реновирање и изградба на нов бункер за поставување на линеарен акцелератор. Во реновираната и адаптирана зграда останува и Клиниката за детски болести водејќи се од светските трендови, педијатриските центри да бидат одделени од болничките блокови.

Изградбата на новиот Клинички Центар, објави Груевски, ќе овозможи бенефит за сите граѓани, имајќи в предвид дека на годишно ниво во клиниките минуваат повеќе од 800 000 посетители, односно, 2.200 дневно.

-По долг процес и многу поминати препреки, не се откажавме, се придвижи овој процес и се надевам на успешен тендер по кој ќе почне изградбата. ова е еден од оние проекти кои сведочат дека доколку навистина се биде упорен и се верува, успехот е неизбежен. Ние ќе продолжиме да го реализираме ветеното, да се бориме за секое ветување кое сме го дале пред граѓаните и заеднички да градиме, наспроти деструкцијата конфликтноста и кризите продуцирани од нашите политички конкуренти, напиша на својот фб. профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.