Македонија
18. February 2016 - 17:12

Груевски и Димитриев најавуваат избори на 24 април - Заев тврди дека нема да се случат

Датумот на изборите е дефиниран со закон и изгласан од сите политички партии во Собранието и тој е дел од договорот од Пржино. Премиерот задолжен за спроведување на изборите Емил Димитриев не гледа ниту една причина датумот утврден во договорот да биде дискутабилен. Тој побара партиите да се држат до она што го имаат договорено.

На секоја провокација од СДСМ ќе одговориме со многу работа, тие ја влечат државата назад но ние имаме обврска и ја носиме напред, порача денеска лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски. Тој оценува дека СДСМ врши деструкции додека ВМРО – ДПМНЕ работи.

- Изборите се излез од криза, сдсм се плаши од одговорот на народот и затоа бега од избори ова е битак за спас на нивните политички кариери...

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев тврди дека нема услови за ибори на 24 април. Тој останува на ставот дека ДИК нема да може да го прочисти избирачкиот список за да се испочитуваат роковите.

 - Сакам да го видам тој од ДИК што ќе потпише прочистен избирачки список пред 5. март, како што е по закон, сакам да го видам и тој, па и амбасадор што ќе соопшти дека може да се прочисти избирачкиот список затоа што пред фактите и боговите молчат. Апсолутно е јасно дека утре ќе се соопшти тоа што сите го знаат, дека нема ниту елементарни услови за да се одржат фер и демократски избори во Македонија, вели  Заев

Заев имаше средба со лидерот на Беса Билал Касами, по која најавија можност за предизборно коалицирање.