Македонија
10. August 2016 - 16:01

Груевски: Функционерите од ВМРО-ДПМНЕ ќе донираат еднократна помош за поплавените

Сите избрани и именувани функционери од ВМРО-ДПМНЕ ќе донираат еднократна помош од 30 проценти од платите и надоместоците за помош на оштетените граѓани од саботното невреме, најави лидерот на партијата Никола Груевски при денешната посета на новиот пункт на Црвениот крст во ОУ „Наум Наумовски Борче“ во скопско Маџари.

Тој посочи дека ваквата одлука е донесена на синоќешната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. 

Груевски заедно со министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска го посети новиот пункт на Црвениот крст каде беше запознат со начинот на донирање и распределување на помошта за настраданите од поплавите. 

 

- Одѕивот досега е задоволителен и се обидуваме да ги задоволиме сите потреби на граѓаните чии домови беа оштетени од поплавата. Волонтерите се на терен, имаме и доста луѓе кои се пријавуваат за волонтирање. Со нашите волонтери и со вработените се обидуваме да се организираме за да се надминат последиците од катастрофата која беше од голем обем, можеби и најголема во регионот, рече претседателот на Црвениот крст на Република Македонија, Саит Саити.

Тој посочи дека покрај од домашните граѓани и компании помош пристигнува и од меѓународната организација на Црвениот крст и од организациите од сите соседни земји.

- Она што го дистрибуиравме до вчера беше од залихата на Црвениот крст која служи за вакви ситуации. Деновиве ќе оствариме контакти со останатите национални друштва. Веќе направивме првична проценка и испративме апел во Женева до Меѓународната федерација и за кратко време очекуваме одобрување средства за итни операции кои се предвидени во рамките на  Меѓународниот црвен крст. Се надевам дека со тие средства ќе можеме во втората рехабилитациска фаза, која ќе следи по првичниот одговор,  да создадеме услови  за враќање на луѓето во своите оштетени домови, рече Саити, нагласувајќи дека помош веќе е понудена од Австрија и Италија и од сите соседни земји.

Прецизира дека помошта од домашните компании и физички лица најчесто е во стоки и продукти, а од странските организации се очекува помошта да биде парична.

- Со соседните национални друштва се договоривме помошта да биде парична, бидејќи е полесна и побрза реализацијата. Се избегнуваат царинските процедури, контроли на храна...И средствата што ќе ги добиеме од Меѓународниот црвен крст ќе бидат парични, рече Саити.

Министерот Спасов истакна дека паричните средства ќе бидат потребни за надомест на штетите на поплавените.

- И во минатите поплави, кои беа од помал обем, паричните донации беа искористени за надоместок на штета за семејствата кои беа погодени, рече Спасов.

Црвениот крст, како што посочи Саити, има доволни количини вода и има доста донации од компании во вода и храна. Храната првично се дели како дневна помош со продукти со пократок рок на траење, а откако ќе се создадат услови за враќање на луѓето во своите домови ќе им бидат понудени пакети храна наменети за семејства  во кои има продукти за петнаесетдневни потреби.

- Донации пристигнуваат на дневна основа од нашите фирми и во нив има продукти кои имаат ограничен рок и треба брзо да се трошат на дневна основа. Обувките и облеката сега ни се еден од приоритетите што се наметнува. Црвениот крст имаше и доста залихи на нова неупотребувана облека од што голем дел деновиве се подели на терен. Во понудите што ни ги даваат останатите национални друштва и фирми помеѓу другото ние бараме и донации на постелнина и покуќнина, бидејќи ќе следува фазата кога на луѓето ќе им биде неопходна за да се вратат во нивните домови, истакна Саити.

Информира дека преку телефонската линија 143 400 и жиро сметката за солидарен фонд веќе се собрани над 22 милиони денари.

- Тоа е добра динамика на остварување, имајќи ги предвид искуствата што ги имаме од нашите претходни акции и активности. Се гледа дека граѓаните ја разбираат маката на соседите и покажуваат солидарност, потенцира Саити.