Македонија
7. April 2016 - 20:22

Груевски: Доста беше, изборите се единствен излез од кризата чии заложници сме

Доста беше. Оваа двегодишна криза мора да заврши, а тоа може да се случи само со избори на кои граѓаните ќе изберат на кого ќе му ја дадат довербата да ја води државата. Услови за избори има. Времето на конфликт мора да заврши и да се стават во преден план интересите на државата пред партиските интереси.

Ова го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на денешната прес-конференција на која се осврна за последните настани во државата по распуштањето на Парламентот. Тој притоа се осврна на изјавите на лидерот на опозициската СДСМ поради кои најави дека тие нема да учествуваат на изборите на 5 јуни.

- Доста беше. Оваа криза мора да заврши. Зад неа не стојат никакви заложби за слобода на медиуми, ниту пак некаква демократизација и борба против корупцијата. Зад оваа криза стои немоќ, страв, фрустрација, обид за поткопување на идентитетот и обид за насилна промена на власта во Македонија од страна на опозицијата која е изгубена во својата безидејност и не се занимава со политика, со програми, со идеи, со решенија за реалните проблеми на граѓаните, туку најмногу со шпионажа, со уцени, со деструкција. И сето тоа е со план и тоа мора да запре, рече Груевски.

Тој нагласи дека само со избори и препуштање на волјата на народот кризата може да заврши, а тоа е, оцени, можно дури и во една ваква ситуација.

- Јас тврдам дека и во една ваква ситуација изборите се излез од кризата, односно се дел од излезот од кризата и тука немам никакви дилеми, а не треба да има и никој друг. Ова е слободна земја и овде народот одлучувал и ќе одлучи кој може да се справи со неговите реални предизвици и секојдневни потреби и проблеми. Кој нуди решенија и кој нуди можности и кој може да помогне да се реализира тоа што на секој најмногу му треба – нови работни места, подобар стандард, повеќе инвестиции во сите области. Тоа е суштината на политиката и тоа е причината зошто некој треба или не треба да добие доверба, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, народот знае да направи разлика кој си ја сака државата. Притоа нагласи дека времето на конфликтност мора да заврши бидејќи, рече, не станува збор за Груевски или за Заев, туку за секој еден граѓанин.

- И затоа ние одлучивме да ставиме крај на агонијата и кризата. Доста беше. Одиме на избори и нека победи подобриот, нека победи тој во кој граѓаните имаат поголема доверба. Ние мора да учиме од сопствените грешки, но не во насока како што тоа некои го посакуваат на деструкцијата и гневот да одговориме со уште поголема деструкција. Ние мора да одиме напред и да ја движиме земјата напред. Од минатото да извлечеме поуки, да ги исправиме грешките затоа што не сме безгрешни и да продолжиме со тоа што граѓаните го очекуваат од нас, нагласи Груевски.

Тој истакна дека причината зошто СДСМ не сака на избори е многу јасна и едноставна, а тоа е, вели, затоа што сите анкети и анализи на домашни и меѓународни, а тоа го знае и меѓународната заедница, ВМРО-ДПМНЕ убедливо води пред СДСМ со речиси двојна предност. Прашањето е, нагласи тој, дали заради таму неколку лица цела држава да се држи во заложништво.

Во однос на критиките на опозицијата дека нема услови за одржување слободни избори, Груевски рече дека Македонија не може да чека и дека веќе нема време за надмудрувања.

- Македонија веќе нема трпение да не чека да се надмудруваме, да си подметнуваме. Ние тоа не го сакаме. Државата е поделена по сите можни основи и тоа мора да запре, а ќе запре со тоа што ќе почнеме со лични примери и пораки дека е доста од поделеноста, од гневот и фрустрацијата. Доста е со кризите. Наша одговорност е да ги решаваме кризите, а не да ги креираме. Да решаваме проблеми, а не да бидеме дел од нив како што некој сака да не направи, вели Груевски.

Избори мора да има и ќе има, а ние ќе ја понудиме најдобрата програма досега со многу нови проекти, реформи, мерки и цврсти гаранции за многу нови работни места, рече Груевски.

Тој се осврна и на трите главни забелешки од опозицијата поради кои не одат на избори. Во однос на медиумите рече дека не е вистина оти тие не се регулирани бидејќи, вели, има строги правила за еднаква застапеност на сите партии и блокови, еднаква можност за рекламирање и еднаква можност за претставување, а тоа е регулирано и со Закон кој, рече, неодамна е донесен со гласови и од опозицијата.

Заплашувања на избирачи, рече, нема и не смее да има, а доколку има ќе одговара секој оној кој учествува во тоа. – За да се спречи вакво нешто државниот обвинител обзнани дека ќе има посебен оддел кој ќе се занимава со вакви случаи. Ние испративме јасна порака до сите наши членови, функционери дека нема да толерираме такво нешто. Ние имаме чиста победа пред нас и никој нема да се дрзне да направи такво нешто, рече меѓудругото Груевски.

Околу мешањето на партијата и државата тој рече дека е лицемерно тоа да го кажува Заев кој генералниот секретар на партијата го назначи за министер за внатрешни работи, а меѓудругото тој министер на денот кога поднесува оставка истовремено менува сто лица во МВР. Ова, посочува, сведочи дека опозицијата нема никакви аргументи за бегањето од избори.

Избирачкиот список, нагласи, е посебна приказна бидејќи, рече, бројките од триста и петстотини илјади фантомски гласачи се чиста лага и негативна кампања на опозицијата креирана со цел да внесе забуна кај гласачите.

- Какви петстотини илјади, па зарем некој верува дека тоа е возможно. Покрај сите досегашни претседатели на ДИК од СДСМ, покрај сите можни набљудувачи домашни и странски, покрај сите партиски набљудувачи на СДСМ кои си ги познаваат соседите кои гласаат на соодветното избирачко место јас сум убеден дека никој ниту од раководството на СДСМ сами не си веруваат во оваа небулоза, а да не зборувам за граѓаните коишто ги навредија дека се фантоми во сопствената држава. Ете тоа се случуваше вчера и ние се согласивме на се, нека прочистуваат, нека докажуваат затоа што нема никаков проблем со Избирачкиот список, оцени Груевски. 

Тој обвини дека опозицијата гласаше за избори на 24 април, а правеше се за да нема избори. Истото, вели го прави и овојпат со 5 јуни, имајќи ги предвид сите отстапки на ВМРО-ДПМНЕ и тоа дека како партија имаат само двајца од девет претставници во ДИК.     

- Ете тоа е вистината. Услови за избори има и избори ќе се одржат. Секој може да учествува на тие избори или да не учествува, и тоа е слобода, односно и негласањето или неучествувањето на избори е одлука и еден вид учество во демократија. Така функционира демократијата. Мнозинството одлучува, подвлече Груевски.

Тој рече дека жали за вчерашната прес-конференција на Заев и оти се надева дека ќе ја промени одлуката. - Ова не е битка на Груевски и Заев, и јас и тој сме неважни во оваа ситуација. Ова е битка за Македонија, и апелирам до него искрено да размисли, без разлика на неговото лично мислење за мене, и на страна од тоа што го советуваат разни структури, посочи Груевски.

Денес е важен ден за нашата демократија, подвлече, и посочи дека со вчерашното распуштање на Собранието се отвора патот за почеток на процесот на заздравување, за почеток на крајот на кризата, а тоа, рече, се изборите на 5 јуни.

Тој при тоа нагласи дека сакаат силна опозиција и силен лидер на опозицијата, кој нема да се вовлекува во ситуации како што тоа го правел сегашниот лидер, кој вели, се вовлекуваше во интриги и шпиунски игри.

- Силна опозиција значи и дека некој постојано ќе ни дише во врат и ќе не корегира на дневна основа. Ние тоа го посакуваме, да разговараме отворено и заеднички да се договараме за стратешките правци на државата. Да не бидам сфатен погрешно, тоа е одлука на СДСМ како ќе се однесува, и ние како што истакнав не се занимаваме со тоа кој е претседател таму, како ќе оценат тие така, туку со тоа како ние заеднички да продолжиме да ја градиме оваа држава, како власт и опозиција да диксутираме отворено и нормално, а не преку паралелизам, како да ги исправаме грешките. Изборите се натпревар. Отсуството на СДСМ од избори ќе остави дамка. Но, штетата за државата е поголема ако се стои во агонија, отколку ако се оди на избори. Ако остане агонијата и деструкцијата ќе користат сите што не и мислат добро на државата, вели Груевски.

Тој воедно, упати порака до народот да биде спокоен.

- Ние свесно и одговорно продолжуваме напред, но треба да се знае дека потребно е повеќе од избори за да заврши кризата. Изборите се потребни за да се одбере кој ќе ја води земјата и на кого народот ќе му даде доверба, но ние мора да направиме и повеќе. Ние мора да го оставиме партискиот интерес и да го штитиме државниот интерес. Мора да продолжиме над состојбата на закани и уцени. Потребно е да бидеме поголеми од кризата која сакаат да ни ја пролонгираат. Да не дозволиме политиката на лична деструкција да зема замав. И ова не го говорам мислејќи само на еден политичар од опозицијата или на некоја поединечна партија. Ова го мислам и за нас како партија. Јас ќе направам се за да ги корегираме нашите грешки, во области каде што се детектирани, тоа луѓето го очекуваат од нас. Токму тоа е единствениот начин вистински да се стави кризата зад нас, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој укажа дека на нашата држава и е потребен план и визија за да не соедини и да не постави заеднички зад взаемните цели, а ВМРО-ДПМНЕ, рече, има таква визија Со многу проекти, многу дела, реформи, мерки, со кој ќе се зголеми квалитетот на живот и ќе се решаваат проблемите.  

- Денешниот ден ќе биде пресврт. Ве повикувам да ни се придружите. Да го подигнете гласот за нашата кауза, за нашата цел и програма. Ве повикувам да работиме заедно за да заврши оваа криза. Да ни се приклучите во нашите идеи, за харбри и големи чекори. Затоа што тоа е духот на нашиот народ! тоа е духот од минатото кој тлее во сите нас, тоа е исправената кичма и во најтешки времиња, тоа е нашата храброст. И ние ќе успееме заедно со вас, затоа што вие сте нашата сила и со вас заедно нема нешто што е неизбежно, одиме храбро напред, порача лидрот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.