Македонија
2. October 2017 - 10:45

Груевски: Доаѓа нова ера на просперитет, напредок и исполнети ветувања

Започнува ново движење кое ќе ја донесе новата ера за Македонија, ера на просперитет, на напредок, исполнети ветувања, одговорност, достоинство и заедништво. Ера која ќе ја предводи оваа наша коалиција и која ќе покаже на сите, и дома и надвор, на сите оние коишто се оправдано загрижени или можеби се малку скептични дека да ние можеме, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вечерва на митингот во Штип, на кој беа претставени кандидатите за советници во Советот на Општина Штип и кандидатот за нов градоначалнички мандат Илчо Захариев.

Груевски во својот говор се осврна на најголемите проекти коишто се реализирани во изминатите години, а кои придонесоа за развој на Штип и на Источниот регион – отворањето на Универзитетот „Гоце Делчев“, изградбата на автопатот Штип – Миладиновци со што се овозможува развој на тој дел од државата. 

Груевски рече дека во изминатите четири и пол месеци граѓаните добиле помала просечна плата, помали пензии, пад на индустриското производство кое, како што рече, само со последното мерење во август во споредба со минатата година е 5,3 отсто. Истакна дека е паднат и БДП и девизните резерви за повеќе од 170 милиони евра. Ги повика граѓаните да изберат помеѓу празни зборови и лажни ветувања наспроти  конкретни и прецизни проекти кои знаат дека ќе се остварат.

- Новата ера носи два и пол пати и повисок приход по жител, односно од пет на 12 илјади долари. Земјоделците ќе имаат два и пол пати поголем приход да си купат нови трактори, да си купат нова механизација, да добијат ново земјиште, а тоа ќе значи и два и пол пати повеќе пари за модернизација на селата, за улиците, патиштата, мрежите за наводнување и сите други потреби. Компаниите ќе растат, ќе им расте профитот, ќе имаме многу повеќе компании и повеќе пари за работниците. Со тоа ќе имаат два и пол пати повеќе пари за инвестирање во патиштата, нови школи, болници, градинки и раст на платите на лекарите, полицајците, на учителите, војниците. Новата ера ќе донесе 150 илјади нови работни места во Македонија, рече Груевски.

Илчо Захариев, досегашниот градоначалник на Штип кој е кандидат за нов мандат, истакна дека зад него стојат  450 реализирани проекти,  презентирани во неговиот отчет на 500 страници.

Посочи дека во изминатите четири и пол години се асфалтирани речиси сите улици во градот, како и голем број патишта до штипските села. Уредено е и коритото на реката Отиња, реконструиран е Домот на млади, изграден е нов Мултимедијален центар, изградени се канализациски системи во повеќе приградски и селски населби, здрава вода за пиење добија и жителите на Стар Караорман. Пред него, рече,  доаѓаат нови четири години во кои се предвидени нови проекти за градот Штип и за сите штипски села.

- Нашите проекти ќе бидат во делот на инфраструктурата. Да ги довршиме оние улици коишто не се довршени во нашиот град, а тоа е обиколницата со мостот на реката Брегалница од населбата Сињак па се до Превек и бањата Кежовица. Да ја завршиме ул. „Љубен Иванов“, ул. „Браќа Даневи“, сите улици во населбата Дузлак, улиците во Стар Караорман коишто не се довршени и, секако, улиците во приградските населби Суитлак и Плуждино. Нема да ги заборавиме и руралните места, посебно патот до селото Почивало каде живее само турско население. Мора да биде завршен идната година. Ќе инвестираме во нови водоводни мрежи во Балканска, Македонска, Чардаклија, во селото Врсаково, Шашаварлија, Љуботен, Суфилари. Идната година веќе ќе има нов водовод, но ќе направиме и канализација во моето Ромско маало каде што живеат Роми. Ќе направиме канализациски системи, нов колектор, канализација ќе направиме во Долна железничка и во селото Лакавица, рече Захариев.

Вети дека во наредните четири години ќе се инвестира во образованието во реновирање на училиштата „Тошо Арсов“, Регионалниот електромашински училишен центар „Коле Нехтенин“, ќе се изгради нова спортска сала во приградската населба Три Чешми, нова градинка во населбата Сињак, како и дека ќе се изгради центар за возрасни лица со посебни потреби.