Македонија
13. October 2017 - 21:09

Груевски до граѓаните: Вие веќе го претворивте 15-ти октомври во победа

Македонија, нашата љубов, нашата светлина, нашата татковина. Македонија, нашата судбина. Македонијо, се поклонуваме пред тебе, ние, твоите луѓе, твоите граѓани, вака го започна своето обраќање пред огромниот број присутни граѓани претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот завршен митинг од изборната кампања кој Коалицијата „За подобра Македонија“ го одржува во Скопје.

Груевски им се заблагодари на сите со љубов се посветиле на работа за партијата и покрај сите тешкотии, без откажување, без страв и неуморно.

-Скопје, ти го претвори овој настан во вистинска прослава со твојот ентузијазам, енергија и возбуденост. Вие веќе го претворивте 15ти октомври во победа. Овој наш собир на храбрите, одлучните и посветените луѓе кои ги здружуваат силите за да ја кажат громогласно волјата на македонските граѓани на 15-ти октомври. Овој наш собир, оваа голема средба на граѓаните на Македонија кои сакаат мир, спокојство, единство, кои сакаат еднаквост, нови проекти и правда. Овој наш собир е голема средба на Македонија која сака развој за своите градови и села, решенија за проблемите и посветла иднина за нашите деца. 15-ти октомври е денот кога ќе се одлучи нашите градови да добијат помодерен изглед, нашите луѓе да бидат посреќни и побезбедни. 15-ти октомври е името на новата ера, новата љубов, новата возбуда и новата победа, истакна Груевски.

Тој посочи дека ВМРО е родено од срцето на нацијата која имала визија и посакувала најдобра иднина за Македонија и никогаш не се штедела во пожртвуваноста да го оствари тоа.

-Ние сме предводници на голема кауза и предци на еден голем и велик пат.Има милиони луѓе кои многу придонеле во нашата организација и чекореле на овој пат заедно со сите нас. Има многубројни херои кои чекореле по овој пат со нас и кои оставиле трага служејќи и на оваа земја. Македонија напредуваше многу со нивниот беспоштеден труд и макотрпна работа. Кога го продолживме нивниот пат, ветивме едно нешто: Ќе работиме дење и ноќе со сета наша енергија и сила за Македонија и со забрзани чекори ќе ја внесуваме нашата земја таму каде што заслужува, меѓу развиените земји во светот, нагласи Груевски.