Македонија
18. јуни 2017 - 15:00

Груевски-Чавушоглу: Односите меѓу Македонија и Турција се карактеризираат со пријателство и взаемно почитување

Постои високо ниво на односи меѓу двете држави кои се карактеризираат со пријателство и взаемно почитување, ова го констатирале на денешната средба во Скопје министерот за надворешни работи на Турција, Мевљут Чавушоглу со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на која присуствувал и членот на Извршниот комитет, Никола Тодоров.

Како што соопшти партијата, на средбата се разговарало за взаемните односи меѓу државите, стратешките интереси на Република Македонија поврзани со евроатланските интеграции и актуелната политичка состојба

- Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски истакна дека Турција е важен пријател на Република Македонија и поддржувач во аспирациите за членство во НАТО. Тој посочи дека стратешки интерес на Република Македонија е зачленување во НАТО, како и членство во Европската Унија, како и тоа дека Македонија е предолго надвор од процесите, и дека е потребен чекор кој ќе значи валоризирање и потврдување на се она што до сега е постигнато на тој план, стои во соопштението.

Груевски, се наведува, го повтори ставот дека на Македонија и е потребен брз прием во НАТО, и доколку за тоа има чисто и недвосмислено прашање, ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи и реформите за ЕУ кои се од корист за сите, и зад кои нема скриени агенди за партизација на институциите, за што, се посочува,  веќе има тенденции од страна на владата на СДСМ.

Од страна на Груевски беше изразена благодарност за поддршката од страна на Турција, и беше посочена конструктивната и активна улога на турската заедница во демократскиот развој на Република Македонија, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.