Македонија
22. February 2021 - 15:14

Груби: Употребата на мајчиниот јазик е скапоцена вредност за нашата заедничка држава

Со цел зачувување и унапредување на мајчиниот јазик, како дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, денеска првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби организираше тркалезна маса.

На оваа дебата, како што соопштија од неговиот кабинет, освен Груби присутни биле и директорот на Агенцијата за спроведување на јазикот, Илбер Села, директорот на Агенцијата за остварување на малцинските права во РСМ, Еран Куртиш, државниот секретар во Министерството за образование и наука, г. Селатин Белули, директорот на Управата за образование, Милутин Станчиќ, директорот на Управата за култура, Адмир Ујкановиќ, директорот на инспекторатот за упореба на јазиците, Фатмир Исени и заменик министерот во Министерството за политички систем, Илхан Рахман.

-Првиот вицепремиер пред присутните рече дека поддршката за употребата на мајчините јазици од страна на државата е од особено значење. Уставот на земјата, но и Законот за јазици овозможува официјална употреба на централно и локално ниво на некои мајчини јазици и заедно со образовниот процес што се одвива на повеќе јазици е најдобриот показател дека ние како општество имаме преземени чекори напред во зголемувањето на вредноста на мајчините јазици, се вели во соопштението од кабинетот на Груби.

Директорот на Агенцијата за спроведување на јазикот, Илбер Села, пак, истакнал дека јазичните разлики, мултикултурниот карактер на општеството во РСМ е предност, а не хендикеп. Овие специфичности, нагласил тој, треба систематски да се култивираат и унапредуваат со цел да се обезбеди социјална кохезија меѓу заедниците.

Во дискусијата на тркалезната маса директорот на Агенцијата за остварување на малцинските права во земјава, Еран Куртиш потенцирал дека треба почесто да се организираат настани што ги обединуваат заедниците меѓу себе, а заменик министерот за политички систем, Илхан Рахман оти Северна Македонија може да се смета за пример во однос на законските можности за употреба на мајчините јазици.

На тркалезната маса се обратил и директорот на Управата за образование, Милутин Станчиќ кој во својот
говор рекол дека на промовирањето на повеќејазичноста и нејзиното вклучување во образованието и општеството треба да им се посвети посебно внимание, така што за децата нивниот мајчин јазик да е секогаш предност.

Првиот вицепремиер Груби нагласил дека Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците се повеќе зазема централна улога во креирањето на јазичните политики и интеграцијата на етничките заедници во јавниот живот на земјата. Се разбира, потенцирал Груби, многу важен елемент е соработката со другите институции што се создадени во духот на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор.