Македонија
14. March 2019 - 14:35

Груби: Проактивен пристап за објавување на информациите од јавен карактер

Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија  денеска одржа јавна расправа во врска со Предлог законот за слободен пристап на информации од јавен карактер.

Претседателот на Комисијата Артан Груби истакна дека целта на оваа јавна расправа на Комисијата беше да се даде можност на поширок круг општествени чинители да ги искажат своите мислења по законот и во оваа фаза за да подобри текстот.

Тој информира дека има забелешки од претставниците на ОБСЕ кои предлагаат одредени подобрувања на текстот на овој Предлог – закон, притоа посочувајќи на потребата за додавање одредба дека тој се однесува  на  органи,  кои  главно  работат  со јавни фондови.

На јавната расправа  воведно обраќање по темата имаше  заменик-министерот за правда Оливер Ристовски, кој истакна дека  пристапот до информации од јавен карактер е демократско начело и право на сите граѓани во современите демократии, кое овозможува развој на транспарентна и отворена власт и ја зајакнува одговорноста на јавниот сектор, ја сузбива корупција и го зголемува легитимитетот на институциите и довербата на граѓаните во власта.

Во расправата учествуваа Данче Даниловска од Институт отворено општество, Маја Лазарова од Мониторинг Мисија-ОБСЕ, Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации и Александра Бујароска  од Еколошко здружение на граѓани – ФРОНТ.

Во нивните дискусии заедничка беше констатацијата дека со предложениот закон ќе се подобри состојбата со слободниот пристап на информации од јавен карактер, бидејќи се внесени подобри решенија од претходното законско решение.

Но, сепак,  истакнаа дека  е потребен проактивен пристап во однос на објавувањето на информациите од страна на  Владата на Република Северна Македонија, како и на нејзините институции и органи кои се должни да ги дадат овие информации, односно да се објавуваат поголем број на информации на веб страните.

На тој начин, би се намалиле и барањата и би се скратиле административните постапки. Исто така, беше посочено дека овој закон е важен и од аспект на слободите и правата на граѓаните за добивање на иформации од јавен карактер, но и од аспект на спречување и  откривање на  корупцијата  од секаков вид во  општеството.