Македонија
29. November 2021 - 16:47

Груби: Одложувањето на интеграциите може да влијае на безбедноста на земјата

Вицепремиерот Груби, спорот со Бугарија го издигна на ниво на безбедносно прашање. Во писмено соопштение кое неговото Министерство за политички систем утрово го испрати до медиумите по средбата со евроамбасадорот Гир се вели дека целиот процес мора да се затвори веднаш.

„Целиот процес треба да се затвори без одложувања бидејќи ако не се затвори сега, спорот меѓу двете земји ќе се одолговлекува со години и ќе го блокира евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија, а од другата страна тоа може да влијае на безбедноста на земјата, регионот, но исто така понапорно да се работи за повисок и подобар животен стандард на граѓаните.“ – се вели во писменото соопштение.

Останува нејасно како спорот со Бугарија може да ја загрози безбедноста на земјава имајќи предвид дека Македонија е членка на НАТО. Дополнително, токму Груби беше еден од оние функционери на власта кои гласно тврдеа дека правењето на отстапките со името и идентитетот во спорот со Грција беше во насока на конечен крај на сите закани кон безбедноста на земјава за кои како што тогаш велеше, гаранција е токму НАТО алијансата.
Од друга страна, ваквите позиции на Груби за експертите отвораат сомнеж дека во името на интеграциите и некакви закани за безбедноста се готви терен за нови отстапки во спорот со Бугарија, односно решенија кои би биле на штета на идентитетските прашања и комплетно би излегле надвор од рамката која ја усвои македонското Собрание.