Македонија
27. September 2022 - 16:38

Грозоморно убиство во Скопје - татко си го убил 3 месечното бебе

 

Го удирал и газел до смрт сопственото бебе. 44 годишен скопјанец е приведен синоќа поради сомнение дека го убил тримесечниот син и тоа пред очите на мајката и  уште три малолетни деца. Од тешките удари со раце и нозе  по глава му предизвикал на бебето крварење на черепот. Откако го претепал бебето ја нападнал и 36 годишната сопруга. Мајката веднаш го однела бебето на клиника, но ударите на таткото биле фатални.

Ноќта меѓу 25 и 26 септември околу  00- 30ч. физички го малтретирал своето бебе, кое подоцна починало. Смрт констатирал лекар од Детска клиника, каде било пренесено со укажување на помош.

Во Топаана соседите беа потресени од настанот. Според едни таткото бил проблематичен, велат тој и порано бил во затвор, други пак го опишаа како добар човек и сметаат дека веројатно бил испровоциран од сопругата. Во маалото  каде што живеат не успеавме да дојдеме до мајката на бебето за да раскаже што точно се случувало кобната ноќ.

Семејството често го менувало живеалиштето и не знаат многу за нив дали и претходно се случувало семејно насилство. Соседите велат жената има повеќе деца, но веројатно  не се сите од  истиот сопруг. Таткото монструм е осомничен за убиство извршено при семејно насилство и веќе е во притвор.

 -Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност осомничениот да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, можност тој да се обиде да влијае врз сведоците, па дури и да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.

На осомничениот му прети казна најмалку десет години или  доживотен затвор.