Македонија
18. February 2020 - 16:32

Грипот зема втора жртва во земјава - в четврток ќе се одлучува дали ќе има прекин на наставата

Нов смртен случај од компликации од грип во земјава. Викендот на Инфективна почина повозрасен маж. Според информации од Клиниката пациентот имал повеќе хронични заболувања, а вирусот дополнително му ја влошил соостојбата. Во Установата на болничко лекување со грип има 40 лица, а еден е на апарати за дишење. Минатата недела на Детска од компликации од грип почина 13 годишно девојче. Изминатиот период вирусот најмногу се ширеше во училиштата. Во четврток комисијата за заразни болести ќе одлучува дали ќе препорачаат прекин на наставата поради грипот.

-Комисијата за заразни болести ќе одржи состанок во четврток, на кој, меѓу другото, заеднички ќе се дискутира и за ова прашање, стои во одговорот од министерството за здравство.

На препораките од комисијата за заразни болести чекаат и во министерството за образование. Во меѓувреме некои училишта сами донесоа одлуки па поради вирози ги скратија часовите по 15 минути заради отсуство од настава на голем број деца. Испразенети се училниците речиси во целата држава. И во охридскиот регион  бележат зголемен број на болни од грип посебно кај школската популација.

Според податоците од ИЈЗ оваа сезона официјално региструирани се над 10.700 случаи со грип. Не се пријавени заболени само во Демир Хисар.