Македонија
22. February 2020 - 16:56

Грипот се шири, корона - вирусот се приближува - десетици случаи во северна Италија

Тројца пациенти со компликации од грип во текот на вчерашниот ден биле хоспитализирани на Инфективна. На Клиниката во одделот за интензивна нега се уште е 38 годишниот маж со масивна пневмонија како последица од  вирусот. 18 грипосани деца има и на Детска клиника, но ниту едно од нив според педијатрите не е на респиратор. И покрај рекордниот број на заразени оваа недела како и испразнетите училишта, Комисијата за заразни болести не препорача прекин на наставата а епидемиолозите имаат и свое објаснување за состојбите во образовните установи.

-Не сите отсутни во училиштата се болни. Родители, баби и деовци ги чуваат децата дома за да не се разболат. Не ги носат во градинка за да не фатат вирус. И трето, не секој што кива и кашла има грип, вели др. Жарко Караџовски, епидемиолог во ИЈЗ.

Иако грипот коси, здравствените власти се загрижени и поради ширењето на коронавирусот во северна Италија, каде поголем број македонски семејства живеат и работат. Во оваа европска земја засега има двајца починати и триесетина заразени со ковид 19. Италијанските власти во десетина градови на една недела ги затвориле сите училишта, продавници и ресторани поради ширење на вирусот. Засега од Министерството за надворешни работи немаат информација дали во амбасада во Рим некој од Македонците побарал помош. Коронавирусот ги испаничи и жителите на Јужна Кореја каде бројот на заболени е двојно зголемен и досега има 433 потврдени случаи а пет смртни случаи се регистрирани во Иран. Првиот човек на Светската здравствена организација порача дека земјите мора да дејствуваат брзо пред да биде предоцна.

-Треба да дејствуваме брзо пред да останеме без шанса. Епидемијата би можела да се движи по кој било пат. Ако постапиме правилно, можеме да избегнеме посериозна криза, но ако ја пропуштиме можноста, ќе имаме сериозен проблем, изјави Тедрос Адан Гебрејесус, генерален директор на СЗО.

 Од крузерот Дајмонд принцес, покрај патниците почна евакуацијата и на дел од екипажот. Двајцата македонски државјани се уште се на бродот а тестовите покажале дека немаат корона вирус. Наредната недела ќе знаат кога ќе можат да се вратат во Македонија, а според информации на Сител, македонската амбасада во Токио преговара со земји во соседството за нивни авионски транспорт.