Македонија
16. February 2016 - 17:01

Грипот ја наполни Инфективната клиника

Над стотина пациенти дневно завршуваат во амбулантите на Инфективна Клиника.  Најголем број се грипозни и со останати респираторни инфекции. Висока температура, вкочанетост и малаксаност се најчестите симптоми на кои се жалат. Најголема гужва во оваа установа имаат за време на викенд кога во чекалните има од од бебиња до старци.  Потешките случаи лекарите ги задржуваат на болничко лекување.

-Имаме од сите симптоматологии..и со грип, респираторни, варичела, овој период имаме зголемен број...има и потешки случаи со бронхопневмонии, но тие се секундарни случаи, вели Сања Маринковиќ од Инфективна Клиника

Според евиденцијата од Институтот за јавно здравје, изминатиот период е зголемен бројот на грипозни кај училишната популација. Но засега се уште нема поголеми отсуства на ученици. Уште на почетокот на сезоната, од Министерството за здравство поделиле тамифлу до надлежните центри.

-Тамифлу добиваат тие со тешка симптоматологија, како и ризичната група на пациенти кои се со намален имунитет, вели Маринковиќ

Во неколку градови во државата центрите за јавно здравје бележат драстично зголемување на болни со грип. Таков е примерот со Кавадарци каде само за една недела имаат над 300 грипозни.