Македонија
17. October 2019 - 16:53

Грип има,вакцините доцнат

Сезоната на грип почна со веќе регистрирани 17 случаи. Според евиденцијата на Институтот за јавно здравје, најмногу заболени има во Тетово а грипосани се пријавени и во Гостивар и Штип. Децата до 4 годишна возраст се први на удар од вирусот и веќе има заболени и од оваа возрасна група. Засега во болниците немаат пациенти со компликации од грипот. Епидемиолозите апелираат дека вакцинацијата е најдобра заштита, но вакцини се уште нема.

Според информации на Сител, 21 000 комерцијални вакцини за кои граѓаните ќе плаќаат треба да стигнат наредната недела. Најмногу дози ќе има во скопскиот центар за јавно здравје.

Дополнителни 28 000 бесплатни вакцини преку тендер набавува Министерството за здравство, но постапката е се уште во тек. Пензионерите, хронично болните, трудници и деца со намален имунитет за кои се наменети ќе почекаат до наредниот месец иако изминатите години вакцинацијата секогаш почнуваше во средината на октомври..

-Сите чекори околу набавката на вакцините и вакцинирањето одат според однапред определен план. Вакцинацијата ќе почне во ноември, што е оптимално време бидејќи во земјата пикот на вирусот на грип се очекува во јануари и февруари, велат од МЗ.

Уште 10 000 вакцини преку донација ќе има за здравствените работници во земјата, кај кои досега одзивот за имунизација е многу мал.

Минатата сезона во земјата грипот предизвика сериозни последици. Беа заболени повеќе од 20 000 граѓани а 29 починаа од компликации од вирусот. .

И додека Македонците чекаат вакцини, во соседна Србија имунизацијата против грип почна на 15 октомври каде имаат набавено 50 000 дози повеќе од лани.