Македонија
15. January 2016 - 16:42

Грците збеснаа поради групата пријатели на Македонија во ЕП

,,Пријатели на Македонија‘‘ е неформалната група што на 26-ти месецов ќе се инаугурира во Европскиот парламент на иницијатива на хрватската европратеничка Маријана Петир.

Според кабинетот на Петир меѓу пратениците од новиот состав на европарламентот постои голем интерес за членство и поддршка на групата.

Покани за промоцијата биле испратени и до бугарските и грчките пратеници, по што веднаш следеше реакција на Грците поради името на групата.

Членовите на парламентот Ева Каили и Никос Андрулакис испратија писмо до Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц во кое бараат Европската Унија да продолжи со козистентното именување на Македонија со ФИРОМ.

Секогаш кога им одговара, па и во ова писмо пратениците се повикуваат на времената спогодба од 95-та, и бараат реформи во повеќе области, како и почитување на добрососедските односи од страна на Македонија, ако сака да биде дел од европското семејство. Притоа намерно забораваат дека согласно истата спогодба Грција не смее да го попречува членството на Македонија во меѓународните организации под привремената референца.

,,Се поставува прашањето дали во Европскиот Парламент ќе се отвори канцеларија за средби на неформалната група со име што не е признато од Европската Унија, што може да предизвика конфузија помеѓу колегите. Таквите појави испраќаат погрешна порака посебно до европските власти и ние мора да го зачуваме интегритетот на европските правила што треба да важат за сите‘‘, му напишаа на Шулц, Андрулакис и Каили.

Инаку, хрватските европратеници, заедно со словенечките се меѓу најгласните во користењето на уставното име на Македонија и речиси на секоја седница на европарламентот на која се расправа за земјава влегуваат во вербален конфликт со грчките и бугарските пратеници, барајќи да престане нивниот изговор за блокирањето на Македонија со користење на ирационалниот спор за името и историјата.