Балкан
25. јуни 2020 - 13:32

Грција засега останува на планот за отворање на границите на 1 јули

За сега остануваме на нашиот основен план, вели портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, во однос на тоа дали остануваат на првичниот план за отворање на копнените граници на 1 јули.

-Ги следиме одблиску епидемиолошките карактеристики во сите земји што се однесуваат на нас. За среќа гледаме поклопување на епидемиолошките податоци во многу од земјите од Европската унија и од соседните земји. Но, постојат некои во кои има пораст. Постојат и трети земји, вон Европската унија и вон Шенген. Според тоа ја следиме ова разврска. Во консултација сме властите од Европската унија и сите соопштенија што ќе биде потребно да се направат , ќе ги имаме во следните денови .За сега остануваме на нашиот основен план, рече Пецас во однос на границите, но и во однос на тоа дали грчката Влада е загрижена за зголемениот број случаи на Ковид-19 во соседните земји.

Одговарајќи на новинарските прашања во однос на информациите дека Европа размислува наместо на 1 јули да ги отвори подоцна границите за одредени земји, портпаролот на грчката Влада објасни дека планот на Атина е познат и јавно соопштен, но и дека е „план што континуирано се ажурира и во соработка со европските власти“.

-Останатите теми поврзани со копнениот или воздушниот транспорт, секојдневно се разгледуваат и доколку е потребно ажурирање на нашиот план, ќе го добиете навремено, додаде Пецас.

Објaсни дека работат на обезбедување најдобра можна заштита на туристите, но и на локалното население и вработените во туристичкиот сектор, бидејќи за владата најважни се безбедноста и здравјето на сите.

-Се наоѓаме една седмица пред вториот и поважен чекор за отворање на нашата земја во туризмот. Продолжуваме со подготовките за да обезбедиме најголема можна заштита на здравјето на вработените во секторот, на жителите на туристичките дестинации и секако на нашите посетители. Пораката што ја испраќаме е јасна. Нашата прва грижа е безбедноста и здравјето на сите. Појави на опуштање не треба да има, особено во трансферот и во угостителските објекти, рече Пецас.

Паралелно, додаде дека ги проучуваат и резултатите од досега спроведените тестови на влезните точки во Грција и ги следат епидемиолошките податоци во земјите на потекло на туристите.

Во однос на загубите за Грција во делот на туризмот, Пецас рече дека е рано е да се предвиди колкави ќе бидат, истакнувајќи дека сепак ќе влијаат на длабоката рецесија, за кој додаде дека целта е да направат сѐ што можат за да биде привремена.