Балкан
3. January 2021 - 9:34

Грција во 2020 година: Десет месеци Ковид-19 – преку два карантина до вакцина

 

Пандемијата, тензиите во односите со Турција, мигрантското прашање, прва жена претседател на државата, туризмот во „новата нормалност“, осудените членови на Златна зора за формирање криминална организација, беа главните теми што ја одбележаа 2020 година во Грција.

Грција преку два карантина стигна до вакцината и веќе десет месеци е во „војна со невидливиот непријател“,  паралелно во одредени периоди од минатата година требаше да управува и со тензиите во односите со Турција, но и со ситуацијата со мигрантите на островите, особено по целосно изгорениот камп Мориа,  како и да изнајде начин да ја спаси туристичката сезона, без притоа да го стави во опасност здравјето на туристите, но и локалното население.

На 26 февруари 2020 година во Грција беше регистриран првиот случај на Ковид-19, а точно десет месеци подоцна, на 26 декември, во Атина пристигна првата пратка од 9.750 дози од  вакцината на Фајзер/БиоНТек.

Дописничката на МИА од Атина анализира, како од првиот случај на Ковид-19, Грција стигна до почетокот на вакцинацијата, односно т.н. „операција Слобода“, поминувајќи низ два карантина (од кои вториот е дополнително продолжен) и над 90 денови ограничено движење, низ два брана на пандемијата, поопуштено лето, празници под рестрикции и СМС пораките како единствена опција за излегување од дома за време на карантин.

Во текот на десетте месеци Ковид-19 во Грција, рекорден број нови случаи на дневно ниво беа регистрирани на 12 ноември, вкупно 3.316, а 16 дена подоцна, на 28 ноември беше регистриран негативен рекорд на смртни случаи со 121 починато лице за едно деноноќие.

Досега, земјата има 139.709 заразени лица и 4.921 починати, а за точно една година, односно од 1 јануари 2020 година, заклучно со вчера,  направени се вкупно 2.820.861 ПЦР тестови и 595.064 тестирања со рапид тестови.

Грците минатата година, за Велигден „останаа дома“ како што беше слоганот на Владата, за Божик и Нова година, имаа можност да слават со најмногу едно дополнително семејство, односно до девет лица, меѓутоа летото го поминаа слободно, без рестрикции, но со одредени превентивни мерки и правила.

Во 2020 година не се одбележаа националните празници на традиционалните начини, низа настани и конференции беа одложени или одржани дигитално, учениците и студентите следеа онлајн настава и предавања, а голем дел од вработените работеа од дома.

Иако вториот карантин е заедно со полициски час, наспроти првиот, сепак е поразличен и не потсетува на оној од март и април, кога раздвиженоста беше значително помала во споредба со сега.

Првиот регистриран случај во земјата беше на 26 февруари 2020 година кај жена од Солун која патувала во Италија, а ден претходно, на редовниот брифинг со новинарите портпаролот на грчката Влада го презентираше владиниот план, односно законскиот акт со превентивните и рестриктивните мерки, кој веројатно тогаш за многумина звучеше како сценарио на научна фантастика, а го предвидуваше она што Грција го живее вторпат за помалку од осум месеци.

Првиот пат со карантинот од 23 март до 4 мај 2020 година, а сега вторпат со карантинот од 7 ноември, што ќе трае најмалку до 10  јануари.

На првиот карантин му претходеа низа одлуки што се носеа постепено, односно одложувања на конференциски настани и затворање на центрите за заштита на стари лица, откажување на екскурзии и одржување спортски натпревари без публика, следеше затворање на Универзитетите, училиштата и градинките, на судовите, кината, театрите, ноќните клубови, фитнес центрите, трговските центри, кафулињата, рестораните, таверните.

А иако членовите на Владата повикуваа на смиреност и да не се крева паника, Грците, масовно ги празнеа супермаркетите, се појави недостиг на антисептици и медицински маски, кои во тој период не беа задолжителни.

Грчката Влада започна со кампањата „Остануваме дома“, а премиерот Кирјакос Мицотакис за 11 дена четири пати им се обрати на граѓаните.

При едно од обраќањата, на 22 март ја соопшти одлуката за првиот карантин во кој граѓаните беа дисциплинирани и ги почитуваа мерките.

По 42 дена забрана за движење, со вкупно 2.626 заразени и 144 починати лица, на 4 мај 2020 година, постепено, во неколку фази во текот на мај и јуни Грција почна да се враќа во „новата нормалност“, а слоганот „Остануваме дома“ беше заменет со новиот „Остануваме безбедни“.

Во текот на месец мај се отворија фризерските и козметичките салони, продавниците, кафулињата, рестораните, таверните и слично.

Следеше враќање на учениците во училишните клупи, а до крајот на јуни, Грција, речиси целосно се врати во „новата нормалност“.

Точно три месеци од појавувањето на првиот позитивен случај на Ковид-19 во Грција, по постепеното ублажување на рестриктивните мерки по 72 дена секојдневни попладневни брифинзи, Министерството за здравство на Грција ги прекина прес конференциите посветени на коронавирусот.

Летните месеци во Грција поминаа особено опуштено, со намален број новозаразени и со вниманието насочено кон туризмот.

Грција беше отворена само за одредени земји и под конкретни здравствени протоколи, но без задолжителен тест или карантин при пристигнувањето.

А грчките власти беа категорични дека туризмот не е „виновникот“ за зголемувањето на случаите.

Во јули и август, во повеќе наврати имаше изречени казни за кафулиња и барови на плажа поради непочитување на протоколите и организирање забави, а Грците во одредени ситуации како целосно да забораваа на мерките за заштита од Ковид-19.

Јавниот превоз, дел од кафулињата и ноќните клубови, дел од јавните служби што работат со странки, традиционалните грчки фестивали со жива музика т.н. панаѓури, прославите на навивачки групи беа дел од местата каде речиси воопшто не се одржуваше дистанца.

И самиот Мицотакис на крајот на ноември, за време на посета на солунска болница призна дека во текот на летото имало опуштање.

Говорејќи за мерките и карантинот, рече дека по завршувањето, потребна ќе биде двојна претпазливост, бидејќи, како што наведе, „да бидеме искрени, летово не го сторивме тоа“.

На почетокот на август имаше мало зголемување на новите случаи, па грчката Влада започна да воведува мерки на локално ниво, во делови од земјата со влошена епидемиолошка слика.

Рестриктивни мерки беа воведени на островите Порос, Парос, Андипарос, Крф, Крит, Миконос, Закинтос, Родос, Кос, како и во областите источна Македонија и Тракија и Атики, во градовите Солун, Лариса, Волос, Катерини.

Иако често официјалните лица категорично го демантираа сценариото за втор карантин во Грција, сепак земјата не ја избегна оваа опција.

– Мислам дека постои општ договор меѓу европските земји, дека е многу тешко, речиси невозможно да одиме на втор целосен карантин, рече Мицотакис на почетокот на октомври, а еден месец подоцна беше воведен и вториот карантин.

На вториот карантин му претходеа мерки на локално ниво, во деловите од земјата со лоша епидемиолошка слика, но и полициски час во цела Грција.

Кога во земјата беа регистрирани речиси 10.000 случаи на Ковид-19 за пет дена, бројот на новозаразени се зголемуваше од ден на ден, а паралелно се полнеа капацитетите на сите болници, Мицотакис, на прес конференција ја соопшти одлуката – од 7 ноември 2020 година, Грција влегува во втор „локдаун“.

За разлика од првиот, во вториот заедно со забраната за движење, во сила е и полицискиот час.

Повторно, сѐ што беше отворено се затвори, а во животот на Грците повторно се вратија СМС пораките како единствена можност за излегување од дома.

Од почетокот на пандемијата до почетокот на вториот карантин, во Грција имаше 54.809 заразени и 749 починати, а само за време на вториот карантин, односно од 7 ноември 2020 година, заклучно со вчера, во земјата беа регистрирани вкупно 4.172 смртни случаи и 84.900 случаи на Ковид-19.

Вториот карантин првично, беше најавено дека ќе трае до 30 ноември, но беше неколку пати продолжуван, а вчера, портпаролот на грчката Влада, наместо олабавување, најави построги мерки.

Во пресрет на новогодишните и божиќните  празници, беше воведена можноста да се отвори малопродажбата, но само за услугата „click away“, односно подигање од продавница по направена онлајн или телефонска нарачка, а паралелно беа отворени и книжарниците, фризерските салони, берберниците и центрите за техничка проверка на возила, нешто што од утре, па се до 11 јануари, повторно се затвора.

Целта на Владата е по следниот понеделник учениците, да можат да се вратат во училишните клупи.

Вакцината- подарок за празниците

– Вакцината против Ковид претставува новогодишен подарок за 2021 година, рече Мицотакис во новогодишната порака до граѓаните, а важноста на вакцинацијата на населението за враќање во нормала постојано ја истакнуваат грчките политичари.

Првата пратка од Фајзер/БиоНтек во земјата пристигна токму на Божик, а ден подоцна официјално започна вакцинацијата во Грција.

Медицинска сестра и повозрасен Грк згрижен во дом за стари лица, први ја примија вакцината, а по нив следеа и премиерот Кирјакос Мицотакис и претседателката Катерина Сакеларопулу, но и лидери на политички партии како и членови на грчката Влада.

Во првата фаза, според владиниот план, ќе се вакцинираат здравствените работници, персоналот и згрижените во домовите за стари лица и оние кои се хронично болни.

Во втората фаза во февруари, кога ќе биде достапен голем број вакцини, ќе се вакцинираат лицата над 70 годишна возраст, независно дали имаат здравствени проблеми, почнувајќи од оние што се над 85 години. Ќе следат и лица од 60 до 69 години, но и помладите со здравствени проблеми и под ризик од Ковид-19.

Последната фаза ги опфаќа сите граѓани над 18 години и е предвидена за јуни следната година.

Вакцинацијата ќе се врши во 1.018 центри во целата земја, со можност месечно да се вакцинираат над два милиони граѓани, кога ќе има доволно дози од вакцината.

Дописничката на МИА од Атина, непосредно пред почетокот на вакцинацијата, посети еден од центрите за вакцинација, но и просторот каде што се чуваат вакцините.

Надлежните објаснија дека самиот процес на вакцинација нема да трае повеќе од 15 минути и ќе биде во присуство на доктор, медицинска сестра и здравствен посетител, додека пак вакцините, во болниците и центрите за вакцинација се пренесуваат од магацините во кои се наоѓаат специјалните ладилници, а постојат пет простори за складирање на тајна локација што не се открива и која ќе биде под 24-часовен надзор и обезбедување.

фрижидери за вакцина грција

Министерството за дигитална политика на Грција веќе подготви специјална платформа за закажување термин за вакцинирање, која ќе биде отворена во текот на месецов, а граѓаните откако ќе  регистрираат преку платформа и ќе ги пополнат потребните податоци ќе добија порака со специјален QR код и термин за вакцинација.

Согласно планот на Владата, Грција, од шест компании, постепено ќе обезбеди 28,3 милиони дози. Досега, во две пратки, пристигнаа 93.600 дози од вакцината на Фајзер/БиоНТек, а до крајот на март, планирано е земјата да добие 1.255.800 дози.

Грците славеа поразличен Велигден, поразличен Божик и поразлична Нова година

Големите православни празници Грците ги дочекаа во карантин, а минатата година Велигден, Божик и Нова година беа поразлични, прилагодени на околностите наметнати од пандемијата.

Исто како и за Велигден кога излегоа на терасите со свеќа в рака и Христовото раѓање го прославија дома, а „Христос Воскресе“ слушнаа на телевизија, така и сега, жителите на грчката престолнина, точно на полноќ повторно излегоа на нивните тераси за да го видат огнометот, одбројувањето го слушнаа од тв екраните, а со соседите си довикуваа и си ја честитаа новата година.

За Божик и Нова година, за разлика од Велигден, имаа можност да слават заедно со уште едно семејство, односно најмногу девет лица, но под услов или да се вратат до 22 часот или да останат до 5 часот наутро со оглед на тоа дека во тој период во сила е полицискиот час.

Живот во карантин – излегување од дома само со СМС порака

Маска, СМС порака или потврда и документ за лична идентификација веќе два месеца се неопходни граѓаните во Грција да излезат од дома.

Исто како и за време на првиот карантин, така и сега, поради строгите рестрикции, за секое излегување треба да испратат СМС порака на специјален број, во која ќе ја напишат една од шесте опции за движење, име и презиме и адреса, по што ќе добијат повратна порака, што значи одобрување.

Опциите што стојат на располагање се: посета на аптека или доктор; посета на продавница за прехранбени продукти; посета на банка, доколку не е можна електронска трансакција; движење за пружање помош на луѓе кои имаат потреба; одење на погреб, свадба, крштенка и сл. согласно условите предвидени со закон; физичка активност или прошетка на домашно милениче.

За оние кои работат за време на карантинот, како и за новинарите, потребна е специјална потврда, заедно со документ за лична идентификација.

За прекршување на ограничувањата, предвидена е казна во висина од 300 евра, двојно повисока во споредба со првиот карантин.

Олимпискиот оган во време на пандемија од античка Олимпија стигна во Токио

На почетокот на пандемијата, кога сѐ уште никој не знаеше колкави размери ќе заземе и дека Ковид-19 ќе го одложи за една година одржувањето на Летните олимписки игри во Токио, олимпискиот оган од античкиот храм на божицата Хера, во древна Олимпија на 12 март 2020 беше запален од зраците на сонцето и стигна до организаторите, каде што останува се до одржувањето на Олимпијадата и нема да има повторно палење.

Свечените церемонии во Олимпија и Атина беа одржани под строги превентивните мерки за коронавирусот.

Олимпискиот оган требаше преку 31 грчки град, по поминати 3.500 километри, 15 археолошки локалитети, 822 наутички милји, да пристигне на Олимпискиот стадион во Атина и да им биде предаден на организаторите на Летните олимписки игри во Токио, меѓутоа штафетното предавање беше прекинато во грчкиот град Спарта, поради огромно присуство на граѓаните на манифестацијата, на која популарниот актер Џералд Батлер го запали олимпискиот оган.

На скромна церемонија, на празен стадион, без публика, без присуство на претставници од Организацискиот комитет на ЛОИ, без најавените гости, меѓу кои и грчката претседателка и јапонските спортисти, без новинари, но на церемонија со силна симболика, на 19 март 2020 година олимпискиот оган од грчката престолнина тргна кон Токио.

Сања Ристовска