Балкан
26. November 2016 - 9:34

Грција стравува од турските закани за отворање на границата за бегалците

Грција изрази загриженост поради опасноста да се најде на нов удар на мигрантски прилив. по заканите на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган дека Анкара би можела да ги отвори своите граници кон ЕУ за мигрантите на нејзина територија, како одговор на резолуцијата на Европскиот парламент со кој се бара замрзнување на преговорите за членство на Турција во Унијата.

- Користењето на мигрантите и бегалците за остварување на некои политички цели, претставува акт на аграсија, изјави синоќа грчкиот заменик-министер за одбрана Димитирс Вицас.   

Ердоган вчера изјави дека Анкара би можела „да ги отвори границите за мигрантите“ кои сакаат да заминат кон земјите членки на ЕУ.

- Слушнете ме. Ако и натаму продолжите вака, границите ќе бидат отворени. Имајте го тоа на памет, изјави Ердоган во обраќање на Конференција за правата на жените што се одржува во Истанбул.

Тој нагласи дека ниту тој, а ниту неговиот народ не се плашат од „празните закани“.

- Нема да има влијание дури и ако сите ја одобрите резолуцијата на Европскиот парламенет, им порача Ердоган на европските партнери, обвинувајќи ја при тоа ЕУ дека продолжува да води антитурска политика.

Европарламентот во четвртокот усвои необврзувачка резолуција со кој се повикуваат Европската комисија и сите земји членки на ЕУ „да иницираат времено замрзнување на пристапните преговори“ со Турција.