Балкан
31. March 2016 - 12:30

Грција почна да преместува бегалци од Пиреја

Грчките власти почнуваат да преместуваат бегалци од Пиреја, за да го олеснат пристаништето преоптоварено со мигранти, каде денеска е зајакнато полициското присуство по вчерашните инциденти, во кои неколку лица беа ранети, пишува весникот „Нафтемборики“.

Планирано е властите да превезат со автобуси во камп за привремено населување 38 семејства на бегалци и други мигранти (вкупно околу 300 лица). Кампот се наоѓа во Килини. 

Преведувачи и доброволци од изутрината им ја објаснуваат на бегалците причината поради која тие ќе бидат префрлени, при што ги убедуваат дека во времените кампови има подобри услови за нив. 

Во тричасовниот судир синоќа меѓу групи мигранти во Пиреја беа ранети осум лица, кои се одведени во болница.