Балкан
4. July 2017 - 9:17

Грција планира да илезе на меѓународните пазари пред 2018 година

Грција планира да излезе на меѓународните пазари порано од завршувањето на нејзината спасувачка програма, што истекува во август следната година. 

Ова уверување го изрази грчкиот заменик министер за финансии Јоргос Хулиаракос за време на вчерашните дебати во грчкиот Парламент, побарана од страна на опозицијата, во врска со договорот што минатиот месец беше постигнат меѓу грчката Влада и меѓународните кредитори по повод должничкиот проблем на земјата, јавија грчките медиуми. 

- Излегувањето на Грција на меѓународните пазари ќе се случи многу пред 2018 година, односно пред крајот на програмата. Стратегијата на Владата е болна и тешка, но спроведлива, и претставува единствена сигурна можност за излегување на земјата од кризата, истака Хулиаракос. 

Тој ја обвини главната опозициска партија Нова демократија за тоа дека лансирала програма, што ако биде применета, ќе ја трурне земјата во нови перипетии. 

Кон средината на минатиот месец министрите за финансии на Еврогрупата постигнаа договор за грчкиот долг, со што се одобри префрлувањето на новата спасителна транша за Атина. 

Траншата изнесува 8,5 милијарди евра, што е повеќе од седумтте милијарди, кои итно и се потребни на Грција за да ги плати придонесите за долгот во јули и да избегне банкрот.