Балкан
20. September 2015 - 16:51

Грција: Падна револуционерната ѕвезда на Ципрас, останува изборите да покажат што преостана од неа

Околу десет милиони Грци денеска гласаат на предвремени парламентарни избори, втори за оваа година.

Изборниот поцес досега минува без проблеми, гласачките места ќе бидат затворени во 19 часот, по што медиумите веднаш ќе ги објават резултатите од излезните анкети.

Првите официјални резултати се очекуваат во 21 часот по локално време.

На изборите учествуваат 14 политички партии и пет коалиции кои се натпреваруваат за 300 пратенички места. Речиси сите анкети покажаа дека ниту една од партиите нема да го добие неопходниот број гласови за да владее самостојно, што значи дека следната влада ќе биде коалициска.

Политичарите веќе гласаа на своите избирачки места, при што ги повикаа Грците да излезат на гласање, и да ја земат судбината во свои раце.

Лидерот на Сириза Алексис Ципрас за време на денешното гласање во Атина, повторно побара мандат за силна влада, лидерот на Нова демократија Меимаракис рече дека вечерва сите Грци заедно ќе прослават едно ново утро за Грција, додека грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, изрази надеж дека резултатот од денешните предвремени парламентарни избори ќе ги оправда очекувањата на граѓаните.