Балкан
1. October 2015 - 12:17

Грција очекува зголемување на бегалскиот бран во октомври

Бројот на бегалците, кои минале преку грчкиот остров Лезбос е три пати поголем од локалното население, соопшти грчката полиција.

Според полицијата од почетокот на оваа година преку островот минале 186.720 мигранти.

Властите проценуваат дека приливот на бегалци ќе се зголеми уште повеќе во октомври, последниот поповолен период за прилив на мигранти пред доаѓањето на зимата. Изминатите денови пристигнуваат по три илјади бегалци дневно претежно во северниот дел на островот, кој е близу до турското крајбрежје. 

Податоците на полицијата покажуваат дека оваа година низ Грција минале 300 илјади мигранти.

Како катализатор за мигрантскиот прилив се посочува неконтролираната активност на трговците со луѓе во Турција. Нелегалната трговија се претворила во најпрофитабилна незаконска дејност на Блискиот Исток.  Преку криминалните канали минале стотици илјади лица, без да се преземат мерки за ограничување на нивните активности, јавуваат грчките медиуми.

Тим на грчката државна информативна агенција АНА-МПА спроведе истражување во историскиот центар на турскиот град Измир, кој бил претворен во центар за трговија со бегалци.

Во зависност од парите, со кои располагаат мигрантите, тие се распределуваат во различни региони, од каде тргнуваат за Грција. Цените за префрлање на грчкиот брег се од 1.800 до 2.000 евра за возрасен и половина за секое дете под 12 години.

Во некои случаи бегалците се принудувани да го предадат и својот накит, во спротивно под закана со оружје се исфрлани од чамците. 

Според истражувањето секој ден кон островот Лезбос патуваат меѓу 30 и сто чамци со мигранти.