Балкан
21. July 2016 - 8:38

Грција негира дека турски воени авиони навлегле во нејзиниот воздушен простор

Извештаите дека група турски воени командоси се обиделе да преминат од Турција на островот Сими, во југоисточниот дел на Егејското Море, вчера ги стави грчките вооружени сили во состојба на готовност поради стравувањата дека односите меѓу Грција и Турција можат да бидат доведени во прашање по неуспешниот државен удар во соседната земја, информира „Катимерини“.

Грчката крајбрежна стража беше во состојба на готовност од околу 11 часот претпладне, кога наводно група гумени чамци и други пловни објекти биле забележани како заминуваат од Датца, на турскиот брег, кон островот Сими. Според разузнавачки информации, кои, според весникот,  биле збунувачки, во чамците имало околу 20 турски командоси.

Официјална Атина, по неуспешниот обид за пуч во Турција, стравува дека некои од учесниците во државниот удар би можеле да се обидат да избегаат во Грција, па овие информации сериозно ги прими.

Подоцна во текот на денот, повикувајќи се на турски воени претставници, некои светски агенции објавија дека турски борбени авиони Ф-16 биле испратени да запрат два турски брода на крајбрежната стража, кои се обидуваат да стигнат до грчки територијални води во Егејското Море. Малку подоцна, турското Министерството за внатрешни работи ги негирало тврдењата дека војници кои учествувале во бунтот „киднапирале“ брод за да побегнат во Грција.

Извори од воздухопловните сили на Грција потврдија дека два турски авиони Ф-16 патролирале, но додадоа дека тие останале во турскиот воздушен простор.

„Катимерини“ јави дека грчката крајбрежна стража ги следи движењата на турските бродови кои останале во турските води. Исто така, на Сими бил испратен еден полициски контингент за да изврши проверка на островот.

И извори од грчкото Министерството за одбрана синоќа соопштија дека турски воени авиони не навлегле во воздушниот простор на Грција, ниту пак турски бродови навлегле во грчки територијални води. Во изјава за државната новинаска агенција АНА-МПА, извор од грчкото Министерство за одбрана рекол дека има „нормална мобилизација“ на грчка страна со оглед на настаните, генерално, како дел од напорите да се следат и надгледуваат морските граници на земјата.