Балкан
27. јуни 2017 - 10:57

Грција ја обвини Албанија за иредентизам

Грчкото Министерство за надворешни работи синоќа ја обвини албанската Влада за „акција која негува и крие иредентизам“, поради реновирањето на плоштадот Скендербег во Тирана.

Плоштадот, кој беше претставен претходно овој месец, е поплочен со камени плочи од различни делови на Балканот за да го симболизира „националното единство“.

- Го осудуваме поставувањето на камења од различни региони на Балканот, вклучително и од грчкиот регион Филиатес, на реновираниот централен плоштад во Тирана. Овие камења, на кои се впишани нивните региони од кои потекнуваат, претставуваат дело кое го симболизира „единството на албанските територии“' и јасно е акција на државата која негува и крие иредентизам, се вели во соопштението на грчкото Министерство.

Според Министерството, иницијативата е „уште една провокација од албанската Влада, која отворено ги поткопува добрососедските односи“.

- Ова е опиплив доказ за централната поддршка за иредентистичките тенденции против земјите кои граничат со Албанија, имајќи предвид дека имињата на регионите од различни балкански држави буквално се гравирани, подвлекува грчкото Министертсво.

Министерството информира дека ги известило сите „пријатели, партнери и меѓународни организации во врска со ова прашање“ и истакнува дека Грција го почитувала изборниот процес во соседната земја и не дала ниту една јавна изјава која може да биде погрешно протолкувана како мешање во предизборниот процес.

- Ова во никој случај не значи дека ќе го толерираме однесувањето кое не е во согласност со европскиот дух на мирен соживот и соработка и кое флагрантно го нарушува фундаменталниот принцип на одржување на добрососедските односи, што е еден од клучните предуслови за европскиот курс на Тирана. Дури и денес, за жал, опасните и застарени размислувања од претходниот век го поткопуваат прогресот и просперитетот на регионот, создавајќи камена пречка за европската иднина на Албанија, стои во соопштението на грчкото Министертсво.