Балкан
7. April 2016 - 11:27

Грција и кредиторите пред постигнување договор

Иако разговорите за финансиската помош меѓу Грција и нејзините кредитори продолжуваат вечерва и голем број прашања се уште треба да се решат, функционерите почнале да го подготвуваат конечниот договор кој треба да се постигне, јави дописникот на МИА од Атина.

Извори од тимот на кредиторите, како и од грчката страна, изјавиле дека процесот почнал, така што ако има договор, ќе треба да се додадат само финалните детали, пишува „Катимерини“ и додава дека ова ја одразува важноста за брзо завршување на преговорите и одобрување на финалниот договор.

Целта е да се решат отворените прашања, вклучително и трите отсто од бруто домашниот производ и продажбата на нефункционалните кредити, две работи за кои вчера се дискутираше во Атина, пред пролетниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд кој треба да се одржи следната недела.

Ако се постигне договор, тој ќе биде доставен до министрите за финансии од еврозоната, кои треба да се состанат на 22 април. Грција потоа ќе треба да ги поднесе договорените мерки во Парламентот.

Откако сето ова ќе се направи, може да почне процесот на добивање одобрение од Парламентот за повлекување средства од програмата, како и разговорите за отпишување на долгот.