Балкан
5. October 2016 - 8:26

Грција го ограничува летањето дронови

Летањето дронови во воздушниот простор на Грција ќе биде строго ограниченo, стои во новата одредба на службата за цивилно воздухопловство, која влегува во сила на 1 јануари 2017 година.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, со новото правило треба да се стави крај на неконтролираните летови на дронови, од кои некои поради добри технички карактеристики можат да бидат опасни за авионите или да се користат за криминални цели.

Исто така предвидено е да се регистрираат сите дронови кои можат да летаат на висина од над 50 метри и лицата кои ги користат. Со новите правила ќе треба да се поднесува и план за летање, а дроновите нема да можат да се летаат на височина над 120 метри.

Службата за цивилно воздухопловство забранува и летање на дронови над групи луѓе, а се предвидува и режим на исклучоци. Правилникот предвидува задолжителни осигурувања при евентуални материјални штети кај дронови кои се користат за професионални цели.

За прекршување на одредбите ќе се воведуваат парични казни во висина од 500 до 250 илјади евра.