Балкан
18. October 2017 - 18:05

Грција бара проширување на програмата за релокација на мигранти

Грчкиот министер за миграција Јанис Музалас денеска побара програмата за релокација на бегалците во ЕУ да се прошири и на други националности освен на оние кои сега се предвидени во неа, а најмногу на малолетни лица без придружба.

- Ние би сакале проширување на релокацијата за некои бегалци, кои сега не ги исполнуваат строгите критериуми, изјави Музалас и додаде дека слична мерка би била исто така од корист за „неколку стотици малолетници без придружба без разлика на нивната националност".

Музалас ја даде оваа изјава на атинскиот меѓународен аеродром каде во Франција испраќаше 231 мигрант во рамките на програмата за релокација. Тоа беше една од последните големи групи кои заминаа во рамките на оваа програма, усвоена во септември 2015 година со цел олеснување на Грција и Италија.

Програмата е на пат да заврши во Грција, затоа што повеќето од лицата кои можат да бидат вклучени во неа, односно околу 25.000 мигранти, веќе нашле земја што ги згрижила. Бегалците, за кои Музалас бара проширување на критериумите за релокација, се лица кои пристигнале во Грција пред влегувањето во сила на договорот ЕУ-Турција на 20 март 2016 година.

Со групата бегалци кои денеска заминаа, Франција вкупно примила 4.322 лица во рамките на програмата за релокација од Грција. Таа е на второ место по прием на бегалци од земјата, по Германија која примила 4. 838 мигранти.

Првично, Франција се обврза да прими 12.000 лица, но бројот на можни кандидати бил помал. Според Програмата за релокација на Европската комисија, во земјите од ЕУ досега се населени околу 20.800 бегалци кои пристигнале во Грција пред 20 март 2016 година и 9.754 лица кои пристигнале во Италија.

Во меѓувреме, извори од грчката служба за азил за државната новинска агенција АНА-МПА изјавиле дека кон крајот на месецов во Грција ќе се врати и првиот мигрант чие барање за азил било отфрлено од друга земја членка на ЕУ, во согласност со одредбите на реактивираната Даблинска регулатива.

Грција прифатила барање на Германија. Мигрантот, државјанин на трета земја, добил виза за патување во Грција, а потоа заминал во Германија, каде што поднел барање за азил. Според Даблинската регулатива, државата одговорна за испитување на случајот е државата која ја издала визата - во овој случај, Грција.

Даблинската регулатива за враќање на мигрантите и барателите на азил за Грција беше реактивирана на 15 март 2017 година и се однесува на лицата кои влегле во Европската унија од грчка територија и биле уапсени во други земји членки на ЕУ. Регулативата не се применувашe во Грција од 2011 година, по пресудата на Европскиот суд на правдата, со образложение дека земјата не може да ги исполни своите обврски. Меѓутоа, за секое побарано враќање, треба да има претходни консултации меѓу засегнатата држава на ЕУ и грчките власти.

Според Службата за азил, до крајот на септември 2017 година земјата добила 1.003 барања за враќање од следниве земји: Австрија - 4 барања, Белгија - 24, Чешка - 1, Естонија - 1, Франција - 6 , Германија - 891, Луксембург -1, Холандија - 3, Норвешка -24, Словенија -5, Шведска -3, Швајцарија -39 и Обединето Кралство -1.

Од овие барања, 486 биле одбиени, 35 биле прифатени, 38 се повлечени и 444 сe уште се обработуваат.