Балкан
5. March 2018 - 9:07

Грци протестираа против учебници по веронаука кои „го загрозуваат православието“

Околу 2.000 луѓе синоќа протестираа пред грчкиот Парламент поради нови училишни учебници по веронаука за кои сметаат дека ја загрозуваат православната вера.

Во протестот учествуваа многу православни свештеници и епископи, а некои од демонстрантите носеа транспаренти на кои авторите на учебниците беа означени како „предавници на државата“ и на кои пишуваше „Не за екуменската вера“. Учесниците исто така предадоа петиција во Парламентот.

Во Грција веронауката е обврзна во сите 12 одделенија и средни училишта. Во спорните учебници, особено за поголемите одделенија, посветен е поголем простор за други христијански деноминации како и други религии кои во претходните изданија беа воглавно, површно претставени и со негативен предзнак.