Бизнис
31. January 2017 - 20:29

Грчките земјоделци повторно го блокираа граничниот премин Богородица – Евзони

Грчките земјоделци го блокираа граничниот премин Евзони на македонско грчката граница. Незадоволни од политиката на нивната влада  во земјоделскиот сектор тие од вчера попладне поставија блокади со трактори и друга земјоделска механизација на преминот и не дозволуваат проток на возила ниту за влез, ниту пак за излез од државата.

Поради блокадите сообраќајот за сите видови возила на овој граничен премин повеќе од 24 часа е во целосен прекин, а границата може се помине единствено пешки. Додека на грчка територија се поставува земјоделска механизација, на македонска страна просторот на граничниот премин Богородица е целосно празен и нема ниту  возила ниту пешаци. Македонските погранични служби велат дека граѓаните навреме биле информирани и токму поради тоа сите оние кои имале потреба да патуваат кај јужниот сосед наместо преку Богородица се упатиле преку граничните премини Дојран и Меџитлија каде во моментов нема блокади и сообраќајот се одвива нормално.

До кога ќе остане таквата состојба засега информации немаат ниту македонските ниту грчките погранични служби. Одлуката за продолжувањето или отстранувањето на блокадите ќе ја донесат земјоделците кои според информациитре од грчките медиуми деновиве треба да разговараат и заеднички да одлучат кои ќе бидат нивните следни чекори во протестите и изразувањето на незадоволството од земјоделските политики на грчата влада.