Балкан
28. September 2017 - 14:28

Грчките власти во состојба на готовност поради епидемија на сипаници

 Ние сме во состојба на готовност и ги следиме упатствата дадени од Националниот комитет за вакцинација врз основа на менување на мапата на епидемијата на сипаници во Грција и во Европа, изјави грчкиот министер за здравство Андреас Ксантос во врска со епидемијата на морбили во земјата.

Тој рече дека досега во Грција се регистрирани околу 170 случаи, но за среќа ниту еден од нив не бил со сериозни компликации или фатален.

- Многу позитивно е што во грчката јавност во текот на овој период се разви поголема свест за придобивките од вакцинацијата, истакна Ксантис.

Научниците сметаат дека појавата на сипаници во голема мера е резултат на движењето против вакцинирање.

- За среќа, овие движења се уште немаат силно влијание во Грција, рече грчкиот министер додавајќи дека 96 проценти од грчката популација е покриена со имунизација, процент кој е меѓу највисоките во Европа.

Досега евидентираните случаи во Грција главно се меѓу ромски деца под 10-годишна возраст, информира Ксантос и нагласи дека единицата за контрола на болести и превенција веќе има вакцинирано 1.500 деца во ромските кампови во регионот на Атика.

Тој појасни дека нема случаи на мали сипаници во камповите за бегалци, затоа што децата во сите бегалски центри биле вакцинирани на почетокот од 2016 година.