Македонија
26. January 2019 - 16:20

Грчките пратеници и министри признаа дека Македонија не е само грчка и дека во неа живеат Македонци

Грчкиот парламент го прифати договорот од Преспа и прв пат испрати признание за неправдите врз Егејците.  Премиерот Ципрас ги потсети комунистите во парламентот за Мирка Гинова, пратеникот од Сириза, Никос Филис, објасни како регионот Македонија, станал грчки со Договорот од Букурешт. Тоа за прв пат во историјата беше спомнато во грчкиот парламент за време на дебатата по преспанскиот договор.

Во меѓувреме продолжуваат честитките за ратификацијата на договорот за решение на спорот со името меѓу двете држави. Германската канцеларка Ангела Меркел вели дека со тоа е отворен патот на Македонија за членство во НАТО и ЕУ.

„Ова е само мала, но многу важна вест, која има многу врска со војна и мир, како и со стабилност. При толку меѓународни кризи се мисли дека ништо не се помрднува нанапред“, вели Меркел.

Ратификацијата на договорот го поздрави и претседателката на парламентарното собрание на Советот на Европа.

„Ова е историски момент и сакам да им честитам на премиерите на Заев и Ципрас за нивното лидерство по ова прашање,  како и парламентите во двете земји за нивната храброст да го решат билатералниот спор кој многу години ги мачеше односите меѓу двете земји“, вели Лилиан Паскиер.

За поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, пак прифаќањето на договорот е важно за целиот регион заради што Заев и Ципрас ќе бидат и номинирани за Нобелова награда.

По прифаќањето на договорот од Преспа, грчкиот парламент идната недела треба да го ратификува и протоколот за пристапување на земјава во НАТО.