Македонија
16. April 2018 - 10:36

Грчките медиуми за брифингот на премиерот Заев

„Двојно ’не’ од Заев за едно име и промена на Уставот“; „Заев отфрла ерга омнес и најавува референдум“; „Зоран Заев поддржува двојно име“; Заев: Не влијае врз Грција како ќе се викаме во внатрешноста“; „Заев: Против ерга омнес име, изводливо решение во текот на мај“,  се дел од насловите во грчките медиуми за брифингот на македонскиот премиер и ставовите околу преговорите за името.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, новинарите во Грција, во текстовите во електронските изданија на медиумите, ги пренесуваат изјавите на Зоран Заев во однос на позициите за името, со акцентот ставен на ерга омнес и Уставот.

Елефтеростипос

„Позиција името на ПЈРМ да треба да се користи само за меѓународна употреба, отфрлајќи го барањето на грчката страна за име ерга омнес“, изрази премиерот на соседната земја Зоран Заев, пишува „Катимерини“.

„Како што наведува Владата на ПЈРМ, одговарајќи на прашања на новинарите за името, Зоран Заев истакна дека има напредок во преговарачкиот процес, што дава причина за оптимизам“, пишува Real.gr

„Нова провокација од премиерот на Скопје, додека преговорите за името се во тек. Зоран Заев, говорејќи пред новинарите, според агенцијата МИА, го отфрли барањето на Грција, која бара името на соседот да биде ерга омнес, велејќи дека името треба да се користи само за меѓународна употреба. Според Заев, не е потребна промена на Уставот, бидејќи внатрешното име не се рефлектира врз нашата земја“, пишува весникот „Елефтерос типос“.

Грчките медиуми, ги пренесуваат и ставовите на премиерот Заев во интервјуто за 24 вести.