Македонија
13. October 2015 - 16:42

Грчките медиуми со повеќе написи за Македонија и спорот за

 

Старата позната тактика на Атина пред секој НАТО Самит да прикаже дека е “под притисок” за да го оправда ветото се повторува. Вообичаената пракса која години наназад ја турка Грција, годинава продолжува со написите во медиумите дека “Македонија можеби ќе биде поканета да стане членка на НАТО” иако засега нема официјална најава за такво нешто. Грчките медиуми не престануваат со реакциите за учеството на Македонија на Генералното собрание на ОН под уставното име. Иако времената спогодба ја обврзува Грција да не ги попречува евроатланските интеграции на Македонија под привременото име, за што потврда стигна и со пресудата во Хаг, сепак Атина ги игнорира одредбите и не отстапува од политиката, “прво решение на името, потоа членство во НАТО и ЕУ”. Грчките весниците повикувајќи се на дипломатски извори развиваат теории за тоа зошто Америка ја предизвикува Грција, особено по кусиот разговор меѓу Обама и Ципрас, ден пред конференцијата. Едната теорија е дека “во САД се здружени неколку антигрчки лобија меѓу кои македонското и турското кои довеле до тврдата политика на Викторија Нуланд”. Според оваа теорија на грчките весници, “тоа што Обама ја поканил Македонија под уставното име на конференцијата во Њујорк е доказ дека во блиска иднина ќе има поголема мобилност околу прашањето за името и тоа по иницијатива на Американците”. Весникот “ЕЛЕФТЕРИЈА” во овој контекст го повикува грчкото политичко раководство “да биде будно со цел да се избегнат грешките од минатото кои можат скапо да ја чинат Атина”.

Информативниот портал “ВОРИА”, оди уште подалеку, тврдејќи дека “Грција ќе го признае Косово и ќе прифати интеграција на Скопје во НАТО во замена за наводна помош на САД во преговорите на Атина со кредиторите”. Доказ за оваа теорија според нив се насловите во српските медиуми дека “Ципрас ја предаде Србија”, и секако учеството на Македонија под уставното име на конференцијата во Њујорк.

Весникот “ЕТНОС” излезе со наслов дека “Американците и Европјаните сакаат да се реши проблемот со името во наредните неколку месеци, за да може на следниот самит на НАТО во Варшава во јули догодина, Македонија да биде примена во Алијансата”.

“ЕТНОС” наведува дека покрај мерките за градење доверба, грчката Влада подготвила “храбри иницијативи” за проблемот со името кои се очекува да бидат усвоени во рамките на план кој Коѕиас го разработил во јуни но не бил реализиран поради парламентарните избори во Грција.

Познавачите коментираат дека овој текст е само обид да се покаже “конструктивност на грчката дипломатија” и евентуален доказ дека Атина работи интензивно со цел наоѓање решение, “по дипломатскиот инцидент во Њујорк”, кој уште еднаш ја потврди политиката на Вашингтон во однос на името.