Балкан
6. July 2015 - 13:19

Грчките бизнисмени бараат Ципрас да постигне договор со кредиторите

Трговците и претприемачите во Грција го повикаа премиерот Алексис Ципрас што е можно побрзо да постигне договор со цел да биде спречен банкрот на земјата. 

Во отворено писмо до Ципрас претседателот на Националната конфедерација за трговија и претприемништво, Василис Коркидис повика на создавање заднички фронт од здрави сили од претприемачките средини и економијата со цел да се најдат решенија за насобраните проблеми на грчкиот пазар. 

Бизнисмените во писмото, што го пренесуваат грчките медиуми, предупредуваат дека загубите од затворањето на грчките банки во Грција се непроценливи, бидејќи се губи довербата на трговците.

Коркидис предлага, премиерот да повика на средба на социјални партнери, работодавците и синдикатите, со цел да биде постигнат „општествен договор“, пред да замине за Брисел на преговори со европските партнери. 

Коркидис нагласува дека единствен начин за зајакнување на позицијата во Европа и избегнување на банкрот на Грција е постигнување на таков „општествен договор“.