Балкан
18. March 2021 - 12:06

Грчкиот здравствен систем под огромен притисок

Рок од 48 часа им даде министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас на приватните лекари доброволно да се пријават за да му помогнат на здравствениот систем што е под огромен притисок, а во спротивно ќе побара мобилизација, јави дописничката на МИА од Атина.

Кикиљас уште еднаш упати апел до приватните доктори, особено до пулмолозите и општите лекари да помогнат во „оваа многу тешка битка“ и да ги поддржат и нивните колеги од државните болници, но и пациентите кои се хоспитализирани.

-Ова е битка за човечкиот живот, тоа е во чест на Хипократовата заклетва. И сега го барам истото.Нашите сограѓани имаат потреба од вас, на Грција сте ѝ потребни и затоа во следните 48 часа очекуваме вашата поддршка, чин на солидарност, рече Кикиљас.

Истакна дека во спротивно, ако на повикот не одговорат најмалку200 лекари ќе му предложи на премиерот да преземе мерки за мобилизирање за да се покријат потребите на здравствениот систем.

Во Грција вчера беше регистриран рекорден број пациенти приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега, вкупно 630 лица, а Кикиљас рече дека во грчките болници, со Ковид-19 хоспитализирани се 4.648 лица, околу 1.000 повеќе од мината седмица.

Иако во земјата се зголемува бројот на новозаразени и хоспитализирани, сепак, во медиумите се споменува можноста да се донесе одлука за мало олабавување на рестриктивните мерки, за што утре Комисијата на епидемиолози ќе одржи состанок и ќе излезе со препорака.

Меѓу можните олабавувања се споменува пократок полицискиот час, односно да започнува од 21 наместо од 19 часот за време на викендите во Солун и Атина, а од понеделник би можеле да се отворат фризерските и козметичките салони.

Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин и со воведен полициски час, со исклучок на мали временски периоди кога постоеше олабавување на мерки, додека пак областа Атика, поширокиот регион на Атина во строг карантин е веќе е од 11 февруари.

Од почетокот на пандемијата заразени се 227.247 лица, а регистрирани се 7.252 смртни случаи од Ковид-19.