Македонија
18. May 2018 - 16:52

Грчкиот Врховен суд не одобри екстрадиција на Грујевски и Бошкоски – не може да се суди на лица кои се амнестирани

Екс – контраразузнавачите Грујевски и Бошковски нема да бидат екстрадирани во Македонија. Врховниот суд во Атина го одби барањето на Министерството за  правда, поранешниот началник на Петтата управа и вработениот во УБК, да бидат испорачани во нашата земја, бидејќи на еднаш помилувани лица не може повторно да им се суди за истото дело. Според европското законодавство, кое го применува и Грција незаконски би бил каков и да е судски процес за исто дело, ако претходно е дадена амнестија од претседателот на државата.

Нивниот адвокат Петар Василев, во изјава за Сител вели дека ваквата одлука е базирана на фактот дека двајцата беа опфатени од амнестијата, која пред две години ја направи претседателот Ѓорѓе Иванов. И според него, највисокиот суд во Грција одлучил законски. 

Василев смета дека Грујевски и Бошковски веќе во понеделник ќе бидат пуштени на слобода, но не смеат да ја напуштат Грција.

Уапсени беа во октомври минатата година на аеродромот во Солун, откако со бугарски пасоши се обиделе да заминат во друга земја во ЕУ. Поради тоа против нив се води постапка за фалсификување на пасоши, а во тек е и постапка по нивното барање за политички азил.   

Двајцата екс-разузнавачи во земјава се обвинети во предметите Таргет-Тврдина и Трезор на Специјалното обвинителство, кои се однесуваат на масовното незаконско прислушување во земјава и незаконската набавка на британската опрема за прислушување за УБК.

Поради недостапноста на Грујевски и Бошковски, Кривичниот суд повеќепати го одложи стартот на овие судски процес во исчекување на одлуката за нивна екстрадиција.