Балкан
24. October 2019 - 16:22

Грчкиот Парламент денеска гласа за предлог-законот „Инвестирам во Грција“, синдикатите протестираат

Новиот предлог закон за развој со наслов „Инвестирам во Грција“, за кој грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис рече дека содржи многу важни одредби, денеска ќе биде ставен на гласање во Парламентот, а паралелно дел од синдикатите, на протест го изразуваат нивното незадоволство од измените, jави дописничката на МИА од Атина.

-Предлог законот „Инвестирам во Грција“ ја носи инвестициската средина на нашата земја во 21 век и во дигиталната ера. Интегрира добри европски и меѓународни практики, ги отстранува бирократските бариери во инвестициите и го охрабрува целосното вработување, напиша грчкиот премиер на неговиот официјален „Твитер“ профил.

Синдикатот на вработените во јавниот сектор (АДЕДИ) за попладневните часови закажа протест во центарот на Атина поради владините мерки што се однесуваат на законот за синдикатите и прогласувањето штрајкови, мерки против кои во изминатиот период се одржаа и неколку генерални штрајкови.

Грчката федерација на вработени во општините (ПОЕ-ОТА) веќе неколку денови протестира и не се согласува со одредбите од законот што се однесуваат на, како што велат, можноста на градоначалниците, без мнозинство да им ги отстапуваат на приватници комуналната служба и службите за електрично осветлување. Според вработените во локалната самоуправа ова би довело до отпуштање на илјадници вработени.

Посебен протест, како и секогаш, ќе одржи синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија на Грција.

Во грчкиот Парламент од рано утрово започна расправата за предлог законот „Инвестирам во Грција“, а доцна вечерва ќе биде гласањето на пратениците.