Балкан
3. May 2017 - 15:15

Грчки суд го блокира новото барање за екстрадиција на турските војници, избегани по обидот за преврат во Турција

Грчки суд денеска го блокира и второто барање од Анкара за екстрадиција на турските војници, кои побегнаа во Грција по обидот за преврат во нивната земја во јули минатата година, пренесоа британските медиуми.

Одлуката се однесува на тројца од вкупно осуммината турски војници, побегнати во Грција.

Екстрадицијата на други тројца судот ја блокира минатата недела. Судот се уште се нема  произнесено со одлука и за останатите двајца турски војници.

Турција тврди дека посочените војници се замешани во обидот за преврат и во јануари поднесе второ барање за екстрадиција, откако Врховниот суд на Грција го отфрли првото.

Турција сака осумте војници да бидат екстрадирани за да им се суди за шест кривични дела, а меѓу нив и за обид за убиство на претседателот на земјата, за обид за соборување на владата и за обид за смена на уставниот поредок.